Бизнис вести

Обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност во фокусот на Третата меѓународна конференција за енергетика

среда, 05 декември 2018

На 28 ноември во хотел „Континентал“, во организација на Стопанската комора за енергетика на Македонија и „Технички Консалтинг“ се одржа Третата меѓународна конференција за енергетика.

Конференцијата беше под покровителство на новоформираната Стопанска комора за енергетика на Македонија, чија цел е да ги поврзе компаниите од енергетскиот сектор во Република Македонија.

Третата меѓународна конференција за енергетика ја поздрави и ја прогласи за отворена претседателот на Стопанската комора за енергетика, Ѓорѓи Манасков, заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Главната цел на конференцијата беше да им помогне на граѓаните и на компаниите да добијат што е можно повеќе информации за енергетиката и за енергетската ефикасност, обновливите извори за енергија, инвестирањето.

Говорниците, сите експерти во своите области, ги информираа присутните за новиот Закон за енергетика, правилниците и уредбите и за се што е потребно за нивно учество за инвестиции во областа на енергетиката.

Во фокусот на предавањата беа малите хидроцентрали, фотоволтаиците, ветерниците, биогасните централи и идните планирани извори на енергетика на Република Македонија. Сето тоа беше проследено со бројни примери и со искуства на компании од овој сектор.

Следејќи го големиот интерес и потребата за информации од областа на енергетиката, заклучокот е дека граѓаните и компаниите не се доволно информирани и дека е потребно интензивно да се работи на нивно информирање за можностите и перспективата што ја нуди енергетиката во Македонија.
 

Содржината е прочитана 62 пати.