Бизнис вести

ТАВ го пречека два милионитиот патник на Меѓународниот Аеродром Скопје

Ивана Николоска која живее во Мелбурн утринава слета од Доха на Меѓународниот аеродром Скопје како два милионитиот патник на скопскиот аеродром. Таа допатува со летот на Qatar Airways, а како награда доби викенд за двајца во Доха

среда, 05 декември 2018

Прилепчанката Ивана Николоска која живее во Мелбурн утринава слета од Доха на Меѓународниот аеродром Скопје како два милионитиот патник на скопскиот аеродром. ТАВ Македонија му посака топло добредојде на својот два милионити патник кој што допатува со летот на Qatar Airways и му подари викенд за двајца во Доха.

ТАВ Македонија заедно со својот партнер –Qatar Airways, како и со сестринските компании BTA, ATU и TAV MOS ќе обезбеди комплетен пакет за патувањето на среќниот патник - удобен престој во одличен хотел во Доха, Qatar Airways ќе ги обезбеди авионските билети, ATU ќе додели ваучер за пазарење во вредност од 200 евра, додека BTA и TAV MOS ќе се погрижат за пријатно искуство и престој на аеродромот со тоа што среќниот патник бесплатно ќе ги користи услугите на ресторанот, како и услугите од Primeclass.

„Му честитам на нашиот два-милионити патник и ѝ посакувам незаборавно патување во Доха, за што подготвивме специјален пакет аранжман со нашите партнери. Во истовреме би сакал да им се заблагодарам на сите патници што го избраа Меѓународниот Аеродром Скопје за нивните деловни и рекреативни патувања. Достигнувањето на 2 милиони патници во една година е импресивен успех за сите нас, па затоа во име на нашата компанија би сакал да им се заблагодарам на сите засегнати страни од воздухопловната индустрија, како Министерството за транспорт и врски, АЦВ, М-НАВ, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, авиокомпаниите и тур-операторите, за нивната соработка со цел да прославиме уште една голема и значајна пресвртница. Би сакал, исто така да ја искористам оваа одлична прилика да се заблагодарам на нашиот персонал за нивната заложба секогаш да обезбедат најдобри услуги за нашите гости, да го одржуваат задоволство на клиентите на највисоко ниво, како и да ги охрабрам да продолжат со нивната добра работа кон нашата цел уште еднаш да бидеме прогласени за најдобар аеродром во Европа“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во кусата изјава што ја даде за медиумите Николоска рече дека доаѓа во Македонија за претстојните празници и оти е изненадена, но и среќна што токму таа е два милионитиот патник.

„Ова е навистина големо изненадување. Многу ми е мило што јас сум избраниот патник. Се надевам дека ќе се множат уште многу во иднина“, рече Николоска.

Прославата за два-милионитиот патник на Меѓународниот Аеродром Скопје е важен настан што го покажува брзиот раст и развој на аеродромот постигнат во текот на изминативе осум години. Пред 4 години, во октомври 2014 година скопскиот аеродром го пречека милионитиот патник.

„Навистина ни е задоволство што сме дел од големиот настан во работењето на ТАВ Македонија по повод два милионитиот патник на Меѓународниот Аеродром Скопје кој патуваше со ’Катар ервејс’ на нашиот директен лет од Доха до Скопје кој ги поврзува нашите патниците со повеќе од 160 дестинации низ светот. ’Катар ервејс’ е една од најбрзо растечките авиокомпании со модерна флота со повеќе од 200 авиони која е рангирана на ниво од 5 ѕвезди добиена врз основ на дадените услуги према патниците“, рече Алтај Шабан, комерцијален директор на „Катар ервејс“ за Македонија.

Како дел од ТАВ Аеродроми, еден од водечките аеродромски оператори на глобално ниво, ТАВ Македонија ги следи светските трендови и развивања во воздухопловната индустрија и резултатите се неверојатни. На скопскиот аеродром, во 2010 година имало 684.905 патници, во 2014 бројот на патници бил 1.210.509, а денес, 5 декември 2018 година, 2-милионитиот патник пристигна на Меѓународниот Аеродром „Скопје“.

Меѓународниот Аеродром „Скопје“ сега поврзува 38 дестинации со редовни летови на 13 авиокомпдании.
Во првите 11 месеци од 2018 година (јануари – ноември), вкупно 2,1 милиони патници патувале преку двата македонски аеродрома – Меѓународен Аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, што е пораст од 18 проценти на годишно ниво. Во истовреме, вкупниот број на летови е 18.336, што е 9,4 отсто пораст споредено со истиот период минатата година.

 

Содржината е прочитана 112 пати.