Инфо

Министерствата за екологија и за здравство со препораки до граѓаните за аерозагадувањето

вторник, 04 декември 2018

Енормно загадениот воздух, конечно ги предизвика на реакција надлежните институции, па министерствата за животна средина и за здравство првпат оваа зима излегоа со препораки до граѓаните како да се заштитат од канцерогените ПМ 10 честички. Реакцијата се сведува само на препораки и барем засега нема конкретни мерки.

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух, прагот на информирање за PM10 во текот на два последователни дена е надминат на мерните места Бутел, Центар, Карпош и Ректорат во Скопје, како и во Кичево, Куманово, Миладиновци, Струмица, Битола 1, Тетово и во Кавадарци.

Од Министерството за животна средина информираат дека информацијата за надминување на дозволената граница е доставена до Институт за јавно здравје, Државниот инспекторат за животна средина, Град Скопје и до единиците за локална самоуправа каде, како што се вели оттаму, има епизода на алармантно загадување на воздухот со надминување на прагот на информирање.

Поради енормното загадување на воздухот, Министерството за животна средина во координација со Интерсекторската работна група за воздух ги дава следните препораки:
• Да се користи јавниот превоз
• Возила да не се користат без поголема потреба
• Повеќе лица да се возат со едно возило во исто време
• Да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал
• Правилно да се користат печките за дрва

Со препораки излегоа и Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Оттаму препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
 

Содржината е прочитана 59 пати.