Бизнис вести

Странските компании чекаат иницијатива од домашните фирми за соработка

Во рамки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора е формирано Здружение од компаниите во технолошко-индустриските зони, кое ќе ги презентира пред власта проблемите во зоните

вторник, 04 декември 2018

Странските компании ги охрабруваат домашните фирми да тропнат на нивните врати и да им го понудат она што го имаат. Бидејќи компаниите од зоните се многу заинтересирани за соработка, потребно е македонските компании да ги зголемат маркетинг активнстите.

Претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, Штефан Петер, вчера на прес конференција истакна дека очекува поголема соработка на домашните компании и странските инвестиции во земјава, тренд кој е веќе започнат и може да се зголеми следната година.

„Мој совет е домашните компании да поработат на маркетингот и да тропнат на вратите на странските инвеститори. И верувајте секоја врата ќе им биде отворена. Економската логика на секој менаџер е да соработува со добавувачи кои му се блиски, бидејќи тоа му е поевтино, побрзо и поефикасно. Во оваа смисла има многу предности што треба да се зграбат, но, секако, само ако се нуди квалитет. А, квалитетот никогаш не е добар или лош, туку е она што го бара клиентот“, рече Петер.

Тој информираше дека во рамки на Советот е формирано Здружение од компаниите во технолошко-индустриските зони кое ќе ги презентира пред власта проблемите во овие зони. Со Здружението ќе раководи поранешниот директор на Дирекцијата на технолошко-индустриските зони, а сега директор на компанијата „Костал“, Виктор Мизо.

Петер најави дека на 12 декември ќе биде промовирано новото издание на Белата книга на членките на Советот на странски инвеститори, во која како што рече, се содржани оценките на менаџерите во компаниите кои директно го чувствуваат бизнис амбиентот.
 

Содржината е прочитана 27 пати.