Интервјуа

Модата и архитектурата, два паралелни универзума поврзани со уметност наречена Елена Лука

Интервју со Елена Пандева, генерален менаџер на модниот бренд „Елена Лука“ и на градежната фирма „Elena Luka Home“ во кое говори за нишката што ги спојува двете навидум неспоиви професии, за тоа што по што е пропознатлива „Elena Luka Home“, за 10 годишниот јубилеј на брендот „Елена Лука“, но и за тоа колку успешната жена менаџер е мотивација за младите генерации

понеделник, 03 декември 2018

 

МАРИЛИ: Денеска веќе не постојат исклучиво машки и исклучиво женски професии, а Вие сте најдобра потврда за тоа. Од една, до вчера само „женска“ влеговте во „машка“ професија и истовремено ги менаџирате и двете. Како се случи од светот на модата да зачекорите во градежништво? Како започна приказната за „ Elena Luka Home “? 
ПАНДЕВА:
Приказната за „Elena Luka Home“ започна како резултат на потребата од уникатни градби, да се подобри визуелната естетика и квалитет на градбите како и на клиентите да им се понуди поинаква визија за нивното домување и да им се отворат богати можности за изборот на нивниот дом, неговиот квалитет, дизајн, архитектонско решение и ентериерот до најмали финеси. Модната индустрија, од една страна (Елена Лука), и архитектурата и генерално, градежништвото, од друга страна (Elena Luka Home), се моите два паралелни универзума кои се надополнуваат меѓусебе и создаваат целина во која јас се чувствувам исполнето. Иако се работи за сосема различни сфери на бизнисот, постојат неколку есенцијални принципи што ги поврзуваат, а до кои јас се придржувам: професионализам на највисоко ниво, бескомпромисен квалитет, вистинските луѓе на вистинските работни позиции, секогаш отворен ум за нови видици, чекор со светските стандарди и креативност како одраз на индивидуалноста.

МАРИЛИ: Подеднакво сте успешна и на двете полиња. Има ли нешто заедничко што ги поврзува овие Ваши преокупации? Можеби префинетото чувство за естетика е нишката што се провлекува и при создавањето креации и при модерната градба?
ПАНДЕВА:
Модата и архитектурата, според мене секогаш биле поврзани. Префинетото чувство за естетика е секако една од нишките што ги испреплетува, а и во едниот и во другиот случај се работи за уметност во различна форма. И во модата и во архитектурата и градежништвото работите со конструкција, со естетика, со автентичен дизајн... Релацијата помеѓу модата и архитектурата многу пати сме ја прикажале и преку едиторијали кои се покажале како навистина одлични и функционални проекти, што совршено ја пренеле приказната. Заедничка е љубовта која ја имам кон двете дејности, а заеднички се насмевките од задоволните клиенти.

МАРИЛИ: Какви се услуги нуди „ Elena Luka Home “?
ПАНДЕВА:
Нашите вработени се нашиот успех кои постојано испорачуваат професионални решенија за нашите клиенти. Со тоа нашата компанија постојано се стреми да ги привлече и задржи талентираните индивидуалци кои ги делат нашите вредности и услугите кои „Elena Luka Home“ ги нуди ги даваат на највисоко ниво, како светски врвни професионалци и тоа во делот на:
-консалтингингот
-инжeнерингот и секакви типови на изведба
-внатрешниот дизајн и реновирањето
Ја остваруваме целта и создаваме метропола во метропола.

МАРИЛИ: Модниот бренд „Елена Лука“ годинава прославува 10.годишен јубилеј. Цела декада присуство во врвот на македонската модна сцена ја сублимиравте во јубилејната колекција „Х“. Што значи овој симбол, што се потенцира со него и што претставува целата колекција?
ПАНДЕВА:
Голема е симболиката и значењето на овој јубилеј, лично за мене и за мојот моден бренд „Елена Лука“. Изминативе десет години се посветив на реализирањето на мојата визија да создадам бренд од светски ранг, а кој ќе ја носи автентичноста на нашето модно поднебје. После десет години, слободно можам да кажам дека сум горда на резултатот. „Елена Лука“ денес е етаблиран моден бренд кој успеа да постигне високи, светски стандарди на секое ниво. Индивидуалноста и автентичната уметничка нишка, како есенцијална симболика на дизајнот на „Елена Лука“ се основата и на јубилејната колекција „Х“ која што ја промовираме во Бугарија, на Модната недела во Софија. Со оваа јубилејна колекција заокружуваме една декада и тоа беше една суштинска, водечка идеја која го дефинираше правецот што го следевме при нејзиното создавање, правејќи една симбиоза на сето она по што сме препознатливи: софистицираност, женственост, префинетост, артистичен моден израз.... Од Софија се вративме со фантастични импресии, со многу нови контакти и релации, понуди за соработки, а несомнено оставивме силен печат и кај присутната публика, но и кај професионалците од модната сфера.

МАРИЛИ: Со Вашиот авангарден пристап кон модниот дизајн сте позната и надвор од границите на Македонија. Кажете ни, на кои модни писти биле презентирани Вашите креации?
ПАНДЕВА:
Кога создавате уметност, не постојат граници, во секој аспект. Уметноста, вклучително и модниот дизајн се универзален јазик што не поврзува со светот. Па, во таа насока многу често сме имале привилегија и прилики да му ја презентираме на светот уметноста која што ја креира „Елена Лука“. Наши дизајни носеле од интернационални поп ѕвезди и познати актерки, до дами од дипломатскиот кор. Во повеќе наврати сме креирале сценска костимографија за македонските евровизиски претставници кои настапиле пред милионски аудиториум, екстравагантни креации на „Елена Лука“ го освоиле вниманието и на црвениот килим во Кан и Холивуд... Неколку пати сме го промовирале нашиот бренд и во Виена, како дел од хуманитарниот бал „Dancer against Cancer“, како и со модна ревија на наши венчаници во рамките на етаблираниот настан „Bride thing Vienna“. На Балканот сме постојано присутни, многу често преку релациите со нашите соработници од шоу бизнисот, а последно беше прекрасното искуство со ревијата за јубилејната колекција „Х“ на Модната недела во Софија. Имаме уште многу да му понудиме на светот.

МАРИЛИ: Вашите раскошни креации ја раскажуваат успешната приказна на брендот „Елена Лука“. Какви материјали користите?
ПАНДЕВА:
Една од карактеристичните компоненти, кога е во прашање дизајнот на „Елена Лука“, се секогаш квалитетните и раскошни материјали. Тоа е одлика на нашата работна етика. Во суштина и еден од нашите препознатливи белези се автентичните и екстравагантни материјали. Се разбира, секој модел е своја приказна, па во зависност од тоа каков ефект сакаме да постигнеме, го бираме и материјалот. Некогаш тоа е екстравагантна тантела, некогаш раскошно кадифе, некогаш префинета свила – се зависи од моделот на кој работиме и идејата за крајната цел што сакаме да ја постигнеме. Рачните доработки и уникатните рачни везови, исто така ќе ги потенцирам како еден исклучителен печат по кој сме препознатливи.

МАРИЛИ: На што се темели Вашата бизнис филозофија и која е визијата за иднината и на „ Elena Luka Home“ и на модното студио „Елена Лука“?
ПАНДЕВА:
Независно за кој бизнис сектор се работи, неколку основни професионални постулати се темелот врз чија основа се гради визијата и за „Елена Лука“ и за „Elena Luka Home“. Грижата и за клиентите и за вработените е една од основните етички правила во работната политика на компаниите што ги водам. Задоволни клиенти и задоволни вработени создаваат една комплетна слика за еден успешен бренд, затоа и лично многу вложувам во таа релација, надвор и внатре во компаниите. Квалитетниот производ е бескомпромисен. Секогаш се стремиме кон усовршување на нашата понуда на пазарот и тоа е она што ни отвора нови перспективи на секое поле. А, покрај квалитетниот производ, секогаш се трудиме да понудиме автентичност како одраз на индивидуалноста на нашите клиенти, што е уште една препознатливост за нашата бизнис филозофија. Сите овие параметри го диктираат начинот на работа на нашите компании, во кои професионализмот на секое ниво е на врвот од нашата работна етика. Па, и кога е во прашање визијата за во иднина, ја следиме нашата работна етика кон остварување на нови амбиции и долгорочни планови. Не постојат недофатливи цели ако им се посветите и континуирано работите на остварување на вашите соништа. Имаме пред себе иднина полна со нови амбиции, нови соништа за кои верувам дека ќе не однесат до уште повисоки врвови. 

МАРИЛИ: Филантропијата е Ваша препознатлива страна. Кого се поддржал брендот „Елена Лука“?
ПАНДЕВА:
Општествената одговорност и хуманиот пристап се во ДНК на „Елена Лука“. Нашето водечко мото е „Модерни и хумани“, па сите овие години наназад сме во мисија да останеме доследни на нашите темелни начела. Не би сакала да издвојувам примери, затоа што на секој еден хуманитарен проект сме подеднакво искрено и доследно посветени, а преку нашите дела сакаме да им дадеме пример и на другите во градењето на едно похумано и етичко општество. Нашата активност е нашиот глас.

МАРИЛИ: Колку успехот на жена менаџер како што сте Вие може да биде мотивација за младите генерации? Што ќе им порачате?
ПАНДЕВА
: Вербата во себе и во своите способности и покрај сите предизвици и ограничувања, ќе ве донесе до вашата цел. Вложувањето во себе е секогаш најсигурна инвестиција, затоа никогаш да не престанеме да учиме. Кога имате добра, квалитетна и иновативна идеја и имате јасна визија како сакате да ја моделирате Вашата идеја, не дозволувајте ниту една околност, колку и да е застрашувачка, да ве демотивира. Се разбира, без труд и посветеност на работата, се останува формалност. Затоа, работете на тоа вашите соништа да станат ваше секојдневие!

 

 

 

Содржината е прочитана 213 пати.