Култура

„Црв“ - монодрама на актерот Мите Грозданов

На малата сцена на Драмскиот театар-Скопје вечер премиерно ќе биде изведена монодрамата „Црв“ во изведба и режија на актерот Мите Грозданов.

понеделник, 02 ноември 2015

На малата сцена на Драмскиот театар-Скопје вечер премиерно ќе биде изведена монодрамата „Црв“ во изведба и режија на актерот Мите Грозданов. Претставата е подготвена според мотиви од романот „Вистина, љубов - рашомонијада“ на Дејан Трајкоски.

Драматизацијата ја направи Борче Грозданов кому му се допаднала приказната за главниот лик на романот - Владо.

- Тоа е лик кој во денешно време речиси да го нема или го има насекаде само некаде скриен, интровертен. Преку книгата на Трајкоски ги осознаваме таквите ликови и, едноставно, морав да направам нешто, рече Грозданов на прес-конференција по повод премиерата. Текстот му го дал на својот татко - актерот Грозданов, кому ова ќе му биде деветта монодрама.

Доајенот на македонскиот театар соопшти како сценски го адаптирал прозниот лик Владо - човек несигурен и нестабилен.

- Тој животните маки си ги кажува низ гротескните, комични ситуации, брехтовски премини, прикаската си тече и на крај одлучува да си замине од овој свет бидејќи не ја наоѓа смислата на животот, рече Мите Грозданов.

Владимир Ѓоревски-Рафик е сценограф и костимограф на монодрамата која е шеста премиера оваа година и втора во новата сезона на Драмски театар-Скопје.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 509 пати.