Инфо

Презентација на мултикултурната и мултиетничката организација „Вешта жена“ во Шведска и во Данска

Настанот што го организираше Активот на жените при Културно-спортското друштво „Македонија“ од Малме, Шведска беше збогатен со промоција на романот „Скандал“ од Оливера Ширгоска и со предавање за семејно насилство, каде промотор и предавач беше Лилјана Стоилковска Андовска

петок, 30 ноември 2018

Активот на жените при Културно-спортското друштво „Македонија“ од Малме, Шведска кон средината на овој месец организираше промоција и презентација на мултикултурната и мултиетничката организација од Македонија „Вешта жена“ во Шведска и во Данска.

Настанот беше збогатен и со промоција на романот „Скандал“ од Оливера Ширгоска, како и со предавање на тема „Семејно насилство“. Промотор и предавач беше Лилјана Стоилковска Андовска.

Во рамките на промоцијата на „Вешта жена“ директорката на оваа организација Снежана – Жана Стојановска со екипа од четири жени со титулата „Вешта жена“ на Република Македонија имаа обука за подготовка на свечена македонска трпеза, кулинарска работилница со жени од Шведска и од Данска, како и посета со истата содржина.

Притоа им беа доделени награди и сертификати на успешните кандидатки, членки на КСД „Македонија“ од Малме Виолета Кршоска, Мајда Крстовска, Лепа Дрлеска и Ирена Равојска, а на Лилјана Стоилковска и беше врачена специјална медаља од „Вешта жена“.

Покрај во Културно-спортското друштво „Македонија“ во Малме, членките на „Вешта жена“ присуствуваа и во КУД „Гоце Делчев“ од Гетеборг како гости и на Активот на жените при Сојузот на Македонците, а два дена подоцна беа и во Копенхаген, Данска каде во соорганизација на „Природно-креативната организација“ на чело со претседателката Силвана Миленкоска имаа убава можност да се дружат во кафетеријата „Мандела“ на скопјанецот Тони Неделковски, кој ја овозможи оваа манифестација.

 

Содржината е прочитана 154 пати.