Инфо

Заев: „Повратот на ДДВ ќе почне од 1 јули, со лимит од 30.000 денари“

Премиерот најави дека засега ќе бидат опфатени само социјалните случаи и семејствата со ниски приходи, додека проектот официјално ќе почне да се реализира од 1 јануари 2010 година

четврток, 29 ноември 2018

Премиерот, Зоран Заев најави дека повратот на 15 отсто од данокот на додадена вредност ќе почне со експериментален период од 1 јули, ќе биде лимитиран на 30.000 денари и ќе ги опфати само социјалните случаи, како и семејствата со помали приходи.

Како што појасни, во зависност од резултатите кои ќе ги покаже проектот, официјално ќе почне да се реализира од 1 јануари 2020 година.

„Обезбедивме договор со сите банки за давање бесплатни картички. Дел од банките имаат интерес за електонски систем на наплата. Системот е подготвен и ставен во функција. Првите шест месеци ќе бидат експериментални за да можеме како сериозен проект да ги провериме резултатите. Експериментално ќе се однесува на граѓаните кои се приматели на социјална помош и оние семејства кои имаат по еден вработен, за да можеме да дадеме шанса за овие 6 месеци на најсиромашните граѓани. Ова е дел од програмата на Владата, имаме намера да го спроведеме овој проект, но системот мора да биде поставен на вистински начин. Официјално се очекува со повратот на ДДВ да се спречи даночната евазија која ја имаме од воведот на ДДВ до денес, а која се движи со намалување, но е поголема од 30 отсто“, рече Заев.

На денешната седница за пратенички прашања премиерот најави и намалување на данокот на добивка од 10 на 3 отсто во индустријата со информатичка технологија, со цел да се привлечат странски инвеститори во овој сектор.

„Предуслов за тоа секако е и членството во НАТО, кое ќе предизвика оптимистички и инвеститорски одлуки кај акционерите и директорските бордови“, истакна Заев.

 

Содржината е прочитана 182 пати.