Инфо

Се воведува нов сообраќаен режим во Карпош 4 кај „Сити мол“

Поради метежот што се создава во околината на трговскиот центар се менува правецот на движење на возилата по улиците „Волгоградска“ и „Разловечко востание“

четврток, 29 ноември 2018

Кај трговскиот центар „Сити мол“ во Карпош 4 ќе се воведе нов сообраќаен режи, со цел да се намали метежот што се создава во околината на молот. Активностите кои се изведуваат во моментот не се за да се воведе зонско паркирање, туку за да се смени правецот на движење на возилата во околните улици.

Правецот на движење ќе се смени на улиците „Волгоградска“ и „Разловечко востание“ кои се еднонасочни. Така, сега на „Волгоградска“ нема да биде дозволен правец на движење од „Сити мол“ кон Карпош 4, туку обратно, а ќе се смени и правецот на движење во обратна насока на улицата „Разловечко востание“.

„Во овој дел се создава голем метеж, бидејќи возила од двете страни на улицата ’Љубљанска’ вртат за влез на ’Волгоградска’, како и за влез во подземниот паркинг на трговскиот. Со тоа што од ’Љубљанска’ беше дозволено движење кон ’Волгоградска’, голем број од посетителите во трговскиот центар се паркираа пред зградите и граѓаните се жалеа дека немаат каде да ги остават своите возила. Со овој сообраќаен проект ќе се реши тој проблем“, вели градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Истовремено, во Карпош 4 ќе биде воведена и „Зона 30“, што значи дека максималната дозволена брзина за движење на возилата ќе биде 30 километри на час. На 60 локации низ населбата ќе бидат обележани и пешачки премини.

„Овој дел е густо населен, плус дополнително сообраќајот е зголемен од посетителите на ’Сити мол‘ и затоа решивме да ја ограничиме максималната брзина на движење, а пред секоја градинка и училиште ќе бидат исцртани пешачки премини“, потенцира Богоев.
 

Содржината е прочитана 181 пати.