Бизнис вести

Ангеловска-Бежоска: „Долгорочен економски раст преку здрави структурни политики“

Гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на годишната конференција за европска економска интеграција во Виена и беше единствен висок претставник на институција од земја која не е членка на ЕУ

среда, 28 ноември 2018

Гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска на годишната конференција за европска економска интеграција во Виена порача дека долгорочен економски раст може да има само со здрави структурни политики.

„И покрај изразено приспособливата политика во посткризниот период, реалната конвергенција во земјите од регионот на Централна и Југоисточна Европа е забавена, што упатува дека монетарната политика не може да биде супститут за здрави структурни политики коишто се неопходни за зголемување на потенцијалот за долгорочен раст на економиите“, истакна Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата за улогата на монетарната политика во процесот на реална конвергенција на економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) кон оние од еврозоната.

Во своето излагање гувернерката на НБРМ истакна дека улогата на монетарната политика, првенствено треба да се однесува на превенција од ранливости во економијата и одржување на ценовната и финансиската стабилност, како неопходни предуслови за побрз раст. Посебен акцент во излагањето стави на постепеното исцрпување на просторот за делување на монетарната и фискалната политика и на потребата за постојано спроведување структурни и институционални реформи коишто ќе овозможат побрза и одржлива конвергенција.

Од НБРМ информираат дека на дебатата со гувернерите на централните банки на Романија и Бугарија, кои исто така учествувале на панел-дискусијата, биле разгледани искуствата и предизвиците во процесот на реална конвергенција на земјите во регионот. Акцентот бил ставен и на дискусиите околу јавната поддршка во Романија и Бугарија како земји членки на Европската унија, за усвојување на еврото.

Конференцијата за европска економска интеграција, којашто изминатите два дена се одржуваше во Виена, е еден од најзначајните традиционални настани во централно-банкарската заедница на коишто се разговара за прашања клучни за европската економија. Гувернерката Ангелоска-Бежоска, која, како што информира НБРМ, била единствен висок претставник на институција од земја која не е членка на ЕУ и активно се вклучила и во дискусијата за други прашања коишто биле отворени во рамки на конференциските сесии.
 

Содржината е прочитана 157 пати.