Култура

Ретроспективната изложба на Александар Кондев

На 4 ноември 2015 година, во 20.00 часот, во Националната галерија на Македонија - објект „Чифте амам“ - ќе биде отворена ретроспективната изложба на фотографии на Александар Кондев.

понеделник, 02 ноември 2015

На 4 ноември 2015 година, во 20.00 часот, во Националната галерија на Македонија - објект „Чифте амам“ - ќе биде отворена ретроспективната изложба на фотографии на Александар Кондев.

Александар Кондев (1950) е македонски фотоуметник чиешто фотографско творештво е нераскинливо сврзано со пробивите на современата фотографска мисла кај нас. Неговото безмалу педесетгодишно присуство во македонската фотографија едновремено е и важно сведоштво и за вкупниот развој на фотографијата кај нас, а неговото фотографско творештво се вбројува меѓу највисоките дострели на македонската фотографија од втората половина на минатиот век до денес.

Кондев ја познава суштината на фотографијата и ја знае нејзината историја, претпоставените „нераскинливи“ врски со сликарството, репутацијата на фотографијата за најмиметичка и најреалистична уметност, а со тоа и најповршна (Sontag). Но тоа не го спречува да и’ го посвети безмалу целиот живот. А тоа го прави само некој кој верува во нејзините автохтони вредности. Како и многумина други фотографи со ваков стаж, неговиот интерес во фотографијата е тематски широк. Но и кај Кондев сепак постои некаква примарна вокација и „појдовна ориентација“, некаква стартна но и суштинска определеност: прво за “класичната фотографија” (без претерана наклонетост кон експериментирање и иновации), а понатаму и за неколку приоротетни тематски целини: лајф фотографијата (со поттеми деца, портрети, улица и слично), потоа теми од урбаното секојдневие, социјални и еколошки теми, пејзаж, структури (макро фотографија) итн. Дел од овој тематски интерес на Кондев ќе биде презентиран на неговата ретроспективна изложба.

Кондев смета дека „магијата на фотографијата се крие во процесот на создавањето. Таа не се гледа, но зрачи од секој нејзин дел“! Тој верува во таа „магија“ и тоа се гледа на неговите фотографии. Сиот тој „нов свет“ што ни го прикажува Кондев на неговите фотографии е - токму таа негова магија. Видена низ неговиот објектив, миговно „обработена“ во свеста и понудена на гледачот како некоја негова сублимирана реалност, како некаков визуелен предизвик на неговата креативна фантазија.

Неговата фотографија не е штос, гег, ефект. Уште помалку е затворен, тешко достапен личен наратив. Кондев верува во добрата фотографија, што и да значи тоа. А тие што ја сакаат фотографијата знаат што тоа значи. Таа е промислена иако фатена во миг, таа е елаборирана иако настаната во делот од секундата. Кај Кондев најчесто добрата фотографија е лајф фотографијата - онаа што ја следи естетиката на еден Cartier Bresson - но и фотографијата којашто сака да поместува граници, што денес и не е така лесно.

Александар Кондев денес е безмалу единствениот претставник на онаа генерација македонски фотографи кои ја осовременија македонската фотографија, кои во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, внесоа една поинаква естетика и нови хоризонти во третманот на оваа уметност.

Куратор на проектот е Златко Теодосиевски. Изложбата ќе биде поставена до 22-ри ноември 2015 година.  

Содржината е прочитана 513 пати.