Инфо

ЈСП „Скопје“ ќе купи нови еколошки автобуси за 12 милиони евра

Владата донесе одлука да биде гарант на договорот за заем меѓу ЈСП и ЕБОР за набавка на нископодни автобуси на природен гас

среда, 28 ноември 2018

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ќе земе заем во висина од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за набавка на нови еколошки автобуси за Скопје. Државата ќе биде гарант за заемот.

Се планира да се набават нископодни автобуси кои работат на компримиран природен гас, со голема економска исплатливост и еколошка предност во учеството на намалувањето на аерозагадувањето.

Владата на вчерашната седница го усвои предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на набавката на нови автобуси за Град Скопје, кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и ЈСП, соопшти Владата.

„Вкупниот износ на проектот е 12 милиони евра, од кои 10 милиони евра ќе бидат обезбедени преку заем од ЕБОР, додека 2 милиони евра ќе бидат обезбедени од буџетот на ЈСП ’Скопје’. За средствата во износ од 10 милиони евра заемопримач ќе биде ЈСП ’Скопје’, а Република Македонија ќе издаде државна гаранција“, се вели во соопштението од Владата.

Одлуката е донесена тргнувајќи од состојбата со возниот парк на ЈСП како исклучително скап за одржување и е еден од факторите за загадување на воздухот во градот.
 

Содржината е прочитана 235 пати.