Бизнис вести

Бизнисмените лути зашто не им се слушал гласот, Предлог законот за данок на личен доход влезе во Собрание

Стопанските комори во Македонија заеднички реагираат дека со овој потег се нарушува партнерскиот однос помеѓу јавниот и приватниот сектор, бидејќи не само што не се послушани нивните аргументи против новите даночни решенија, туку не е испочитуван ни рокот за доставување на забелешките

вторник, 27 ноември 2018

Бизнисмените и се налутија на Владата и остро реагираат што Предлог-законот за данок на личен доход го пушти во собраниска процедура пред истекот на рокот за забелешки на Единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ (ЕНЕР)). Со тоа, како што велат од бизнис заедницата, не само што не се послушани нивните аргументи против новите даночни решенија, туку не е испочитуван ни рокот за доставување на забелешките.

Стопанските комори во Македонија (Стопанска комора на Македонија, Стопанската комора на Северо-западна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Сојуз на стопански комори) како дел од проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, заеднички реагираат дека со овој потег се нарушува партнерскиот однос помеѓу јавниот и приватниот сектор како клучна алатка за постигнување поволен деловен амбиент кој ќе овозможи предвидливост, стабилност и ќе резултира со економски раст во државата.

„Ваквиот вид на ад хок измени не и одат во прилог на држава која изминатите неколку години ги помина во правна несигурност и економска криза, заради што целокупната економија беше ставена пред предизвик на опстанок“, се вели во заедничкиот став на стопанските комори кои и покрај тоа што, како што потенцираат, навремено и аргументирано укажаа на негативните ефекти од овие реформи и истите во септември ги доставија до сите релевантни државни институции, сепак, гласот на бизнис заедницата не беше слушнат.

Стопанските комори на Македонија како дел од Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива„ организирани во Платформата за Јавно приватен дијалог, каде нивен партнер е токму Владата, во септември годинава излегоа со заеднички став дека реформата во даночната политика треба да се одложи за минимум 5 години. Во документот што коморите го усогласија меѓу себе и го доставија до надлежните институции беа наведени причините поради кои се бара одложување на даночните реформи.

Меѓу другото, беше потенцирано дека воведувањето прогресивен персонален данок на доход преку зголемување на буџетските приходи во овој момент ќе има многу помал позитивен фекет отколку негативните последици на вкупното бизнис опкружување. Бизнисмените сметаат дека зголемувањето на даночните стапки ќе прати негативен сигнал кај домашните и кај странските инвеститори и дека регионалното опкружување на Македонија не дозволува такво зголемување во овој момент, бидјеќи државата ќе ја изгуби компаративната предност и имиџ стекнати од досегашната политика на ниски даноци. Бизнис заедницата е едногласна дека зголемувањето на даночните стапки ќе предизвика дестимулирачки ефект во економијата и ќе ја поттикне даночната евазија, па предлага со постоечките механизми да се поттикнат економските оператори да не затајуваат данок и да не манипулираат со средствата.

Бизнисмените се убедени дека замената на рамниот со прогресивен данок ќе придонесе за поголемо даночно оптоварување. Во постојниот систем на бруто плата зголемувањето на персоналниот данок би имало влијание на висината на нето платите на вработените, односно, зголемувањето на персоналниот данок значи намалување на нето платите и автоматски и понизок животен стандард и помала лична потрошувачка.

„Прогресивното оданочување е повеќе карактеристика кај развиените земји, како во поглед на економијата, така и во поглед на институциите надлежни за спроведување на даночната политика. Според тоа, даночниот систем, покрај функцијата на прибирање приходи за финансирање на државните потреби или нивна распределба, исто така треба да е во функција и на развојот на економијата, односно да биде позитивен фактор при носење на одлуки од страна на инвеститорите“, се вели, меѓу другото во заедничкиот допис што коморите го испратија до надлежните државни институции.
 

Содржината е прочитана 151 пати.