Инфо

Германија има недостиг од над 300.000 лица од природните науки

На германските компании во октомври им недостигале 337.900 работници во областа на математиката, информатиката, природните науки и техниката, што е пораст од шест проценти во споредба со истиот месец минатата година

вторник, 27 ноември 2018

Германија има недостиг од над 300.000 квалификувани работници во областа на природните и техничките науки, што претставува рекорд на потребата од работна сила во овие области.

„На германските компании во октомври им недостигаат 337.900 работници во областа на математиката, информатиката, природните науки и техниката, што претставува рекордна вредност и пораст од шест проценти во споредба со истиот месец минатата година“, се вели во студијата што ја објави Институтот за германска економија во Келн.

Ставот на германските експерти е дека ваквиот недостиг нема да може да се покрие исклучиво со увоз на работна сила, туку дека државата мора да направи измени во образовните програми.

„Шансите што ги дава дигитализацијата можеме да ги искористиме само ако со нашиот образовен систем ги подготвуваме младите за потребите на пазарот на трудот“, се вели во соопштението на Сојузот на германските работодавци.

Германија е една од најпосакуваните дестинации каде младите образовани луѓе, пред се, од земјите од Западен Балкан ја гледаат својата иднина обезбедувајќи си работа согласно својата стручна подготовка. Се повеќе информатичари и инженери од разни области заминуваат во оваа држава каде релативно лесно наоѓаат работа. Но, очигледно и тоа не е доволно за да се засити германскиот пазар на труд и да се покријат потребите на најсилната економија во Европа.
 

Содржината е прочитана 113 пати.