Инфо

За две недели ќе биде објавен нов тендер за набавка на реагенси

Тендерот е „тежок“ 35 милиони евра и со него ќе се обезбедат реагенси за следните три години

понеделник, 26 ноември 2018

Нов оглас за набавка на реагенси за лабораториите ќе биде објавен за две недели. Тендерот е „тежок“ 35 милиони евра и со него ќе се обезбедат реагенси за следните три години.

Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека новина во овој оглас е тоа што наместо со осум централни лаборатории и крвта да се транспортира низ државата, како што беше на претходниот поништен тендер, овојпат ќе се обидат со систем на транспорт низ градовите, како и тоа дека новиот тендер ќе биде поделен на седум лота, а преку едниот компјутерски ќе се следи потрошувачката и резервите на реагенси со кои ќе располагаат здравствените домови.

„Се планира систем на транспорт на крв што ќе функционира во рамки на градовите, нема да има осум централни лаборатории и систем на транспорт на крв низ државата, ниту повеќе лаборатории во две или три места во помалите места. Пациентите, како и досега ќе може да извадат крв, на пример, во Здравствен дом, а таа ќе се транспортира до болницата, што е многу мала дистанца, со што значително ќе се намалат трошоците“, рече Филипче и појасни дека вработените во лабораториите нема да бидат отпуштени од работа, туку доколку е потребно, дел од кадарот ќе биде прераспределен во централните лаборатории каде има недостиг од кадар.

Министерот рече дека во рамки на постапката ќе се направи лот за компјутерски систем кој ќе го следи трошењето на реагенсите, вкупната количина на резервите со која располагаат јавните здравствени установи, врз основа на што ќе се има комплетен увид во потрошувачката и во буџетите кои сега се трошат во јавните здравствени установи.

Од операторите кои ќе конкурираат на новиот тендер ќе се бараат бесплатни апарати и бесплатно сервисирање, бидејќи сега токму за сервисирање се трошат дополнителни средства.

Во помалите места пациентите нема да се упатуваат во приватни амбуланти за да се соберат огромен број пациенти за да се отворат реагенси.

„Со овој начин на набавка се планираат заштеди од 10 до 15 отсто од парите што се трошат за набавка на реагенси, а за три години во јавните здравствени установи се трошат 35 милиони евра за реагесни, плус пари за сервисирање на апаратите. Сепак, доколку се јават проблеми или ако нема заштеди, нема да се продолжи со овој нов систем“, рече Филипче.
 

Содржината е прочитана 129 пати.