Бизнис вести

Само третина од домашните компании оствариле соработка со странските инвестиции

На дебатата организирана од „Фајнeнс тинк“, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев рече дека Владата прави напори да ја зголеми соработката преку помош за набавка на соодветна технологија и знаење за македонските компании

понеделник, 26 ноември 2018

Само една третина од домашните компании оствариле соработка со странските инвеститори, што е незадоволително, па Владата прави напори да ја зголеми таа соработка преку помош за набавка на соодветна технологија и знаење за македонските компании.

На дебатата организирана од „Фајнeнс тинк“, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев рече дека добар дел од странските инвеститори и не можат да набавуваат производи или суровини од македонските компании доколку не им биде дозволено од крајните купувачи, додека третата компонента што се однесува на организација на производството и контрола на квалитетот, зависи од самите сопственици на македонските компании.

„До крај на годината Владата, преку помошта што се обезбедува со Законот за финансиска поддршка на претпријатија и преку програмите на Фондот за иновации ќе обезбеди поддршка за над 250 компании со цел тие да направат технолошки исчекор. Средствата за подддршка на македонските компании се зголемени и во Буџетот за наредната година“, рече Анѓушев и додаде дека голем простор за соработката на странските и на домашните компании има во делот на производство на готови производи.

Според анализата на „Фајненс тинк“, постои воспоставена соработка помеѓу домашните мали и средни претпријатија и мултинационалните компании во земјата, но таа е многу мала и во голема мера е зависна од веројатноста на македонските компании да најдат добавувачи и потребни производи локално и од нивната политика за набавка. Околу 37 проценти од македонските компании кажале дека соработуваат или имаат соработувано со странски компании во земјава. Најголем дел од сотаработка е во делот на давање услуги. Околу 61 отсто од мултинационалните компании кажале дека купуваат услуги од домашни компании, а само 30 проценти можат да најдат суровини за своето призводство во земјава, додека 61 отсто од странските компании рекле дека не можат да најдат опрема и машини.

Претставниците на македонските компании кои соработуваат со странските фирми во земјава велат дека малите и средни фирми немаат доволно средства за да ги следат технолошките промени што ги бараат странските инвеститори, па затоа се потребни средства од европските фондови.

 

Содржината е прочитана 173 пати.