Интервјуа

Во Македонија нема систем со кој ќе се поддржи развојот на еден спортист

Интервју со Наташа Мешковска, професор по пливање и најдобра пливачка на сите времиња во Македонија во кое говори за недоволната ангажираност на државата за развој на пливањето, за причините зошто немаме врвни резулати, за пливачкиот клуб „Бета Шаркс“ каде таа е дел од стручниот тим, но и за тоа што претставува пливањето за развојот на едно дете

понеделник, 26 ноември 2018

МАРИЛИ: Вие сте професор на Факултетот за физичка култура и спорт, на катедрата пливање. Каков е интересот за пливање кај младите денеска?  
МЕШКОВСКА:
Интересот за спортот пливање, во нашава земја расте се повеќе од ден на ден. И тоа ме радува, бидејќи зборува за подигнато ниво на свест кај родителите. Денес, сите знаеме дека секое дете треба да научи правилно да плива, оти, тоа е култура на живеење, за градење здрава нација. Пливањето како базичен спорт ги дава сите превентивни мерки кои спречуваат да се јават деформитети, најчесто кај децата во развој, како што е искривување на ’рбетен столб и гојазност – прекумерна телесна тежина. 

МАРИЛИ: Со над 400 медали од меѓународни натпревари Вие сте прогласена за најдобра пливачка на сите времиња во Македонија. Но, факт е дека помина доста време од Вашите успеси, а по Мешковска, Македонија не откри друго име кое ќе плива со успех во светските базени. Зошто? Дали можеби државата не прави доволно за афирмација на пливањето?
МЕШКОВСКА
: Причината зошто немаме врвни спортски резултати, не само во пливањето, туку во сите спортови, е недоволната грижа на државата за децата спортисти. Немаме систем со кој ќе го поддржме развојот на еден спортист. Тоа значи дека спортистите од своја 13-годишна возраст треба да бидат финансирани и стимулирани со стипендии и секој настап на меѓународна сцена, во национален дрес, да биде поддржан од државната институција за спорт, во случајов од Агенцијата за млади и спорт. 

Втор проблем е што на чело на оваа институција никогаш не се назначуваат компетентни стручни кадри, туку се поставуваат политички фигури, да не речам лепачи на плакати... и, тоа е реален проблем. Спортот го водат неспособни и необучени кадри за тоа. И, трет проблем е немање услови за тренинг. Во Македонија има само еден покриен 25-метарски базен кој работи преку цела година, кој, исто така се затвора неколку пати годишно поради нестручно менаџирање. Во такви услови не можете да развивате спортско пливање, туку само рекреација, за жал.

МАРИЛИ: Може ли да издвоите некои имиња на млади талентирани деца за кои можеби државата треба да издвои повеќе средства за нивно пливачко усовршување! 
МЕШКОВСКА: Млади деца-пливачи имало и ќе има, оваа земја е ризница на таленти, но, во овој момент немаме некој посебен талент што направил меѓународен успех на европска сцена. Лошите услови и немањето поддршка од државата, директно влијаат на постигнување резултати. 

МАРИЛИ: Вие сте лиценциран инструктор за хидро терапија за деца со инвалидитет по таканаречената Halliwick програма. За каква програма станува збор и има ли интерес за оваа терапија?

МЕШКОВСКА: Во Македонија, исто така, ја воведов и програмата за терапевтско пливање, за деца со посебни потреби. Но, бидејќи тренерите кои се обучени да ја спроведуваат не се доволно платени, тоа некако полека замира и е оставено на индивидуален ангажман од страна на родителите.

МАРИЛИ: Држите часови по пливање во базенот во Карпош. Дали се работи за Ваша приватна школа, кажете нешто повеќе околу тоа? 

МЕШКОВСКА: На базенот во Карпош, јас сум дел од стручниот тим на пливачкиот клуб „Бета Шаркс“ во кој се наоѓаат најдобрите тренерски имиња и во кој системот на работа со деца се наоѓа на високо ниво, како стручно, така и организациски. Веќе имаме повеќе од 400 деца – членови кои се поделени во групи според знаењето и возраста. Имаме школа за непливачи, таа е за деца на возраст од 4 години па нагоре и е во малиот базен, па спортска школа, па натпреварувачи, па мастер група и сл.

 

МАРИЛИ: Пливањето е веројатно единствената активност во која е активна комплетната мускулатура на телото, но истовремено е добро и за други органи. Оттаму, колку е важно да се плива почесто, не само 10-15 дена на море? Што значи пливањето за организмот на човекот? 
МЕШКОВСКА:
Пливањето е најважниот спорт во развојот на едно дете. Преку обуката на пливачките техники детето ја засакува водата како средина и се здобива со самодоверба, го елиминира стравот и може самостојно да се движи во вода. Водата буди среќни емоции кај децата и целиот процес на учење им овозможува да се чувствуваат опуштено, среќно и задоволно. Притоа, комплетната мускулатура на телото е активна во исто време и нема опасност од повреди, бидејќи дејствието се одвива во вода.

МАРИЛИ: Каков е интересот за пливање кај женската популација, колку вработената, ангажираната жена денеска издвојува време за ваков вид на активност?
МЕШКОВСКА
: Она што радува е фактот што се повеќе жители од македонската популација го применуваат пливањето како редовна физичка активност, особено жените, кои доаѓаат редовно на базен, некои дури и со тренер. Овој спорт, конечно и кај нас станува начин на живот, релаксација и рекреација. Пливајте и уживајте.

 

Содржината е прочитана 158 пати.