Бизнис вести

Формиран Мешовит германско-македонски управувачки комитет

Главна цел на Комитетот е да номинира проекти во кои двете земји директно ќе соработуваат, а фокусот се очекува да биде ставен на инфраструктурата и на образованието

петок, 23 ноември 2018

Денеска беше формиран Мешовит комитет за економска соработка меѓу Македонија и Германија,кој ќе работи на унапредување на трговијата и надминување на сите бирократски бариери за поголема и поинтензивна размена.

Главна цел на Комитетот е да номинира проекти во кои двете земји директно ќе соработуваат, а фокусот се очекува да биде ставен на инфраструктурата и на образованието.

За Владата, овој Комитет претставува потврда на силната поддршка од Германија за политиките кои се водат во Македонија.

„Зголемување на индустриската соработка, повеќе македонски производи на германскиот пазар и повеќе know-how технологии и германски инвеститори во Македонија, ќе биде приоритет на Комитетот“, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Од Министерството за економија на Германија велат дека Комитетот се вклопува во нивната стратегија за Западен Балкан, а Македонија е главниот столб на таа стратегија. Формирањето на комитетот е резултат на добрите економски односи меѓу двете земји.

„Македонија е еден од главните столбови на економската стратегија на Германија, германските компании сакаат да дојдат тука, но мора да се инвестира во образованието за да се обезбедат доволно квалификувани кадри“, рече директорот на Одделот за проширување на ЕУ во германското Министерство за економија, Хелге Толксдорф на денешната прес конференција во Владата и појасни дека досега Германија има формирано четири вакви комитети во регионот со цел поврзување на бизнисите и институциите за поголема економска соработка.

Идејата за формирање на Мешовитиот комитет беше презентирана за време на посетата на канцеларката Ангела Меркел на Скопје. Во таа прилика покрај најавата за формирање на заеднички комитет меѓу двете земји, од Владата кажаа и дека до крајот на годината од Германија ќе дојдат неколку економски советници.
 

Содржината е прочитана 211 пати.