Инфо

Пивара Скопје и Министерството за здравство го отворија првото Роса школо за родителство

Првото Роса школо за родителство е отворено во Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, а до крајот на годината исти такви ќе бидат отоврени и во Општата болница во Гостивар и во Клиничката блница во Битола

петок, 23 ноември 2018

Првото Роса школо за родителство деновиве беше официјално отворено во Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Школото, како и уште двете други што до крајот на годината ќе бидат отворени во Општата болница во Гостивар и во Клиничката болница во Битола, се дел од проектот што партнерски го реализираат Пивара Скопје и Министерството за здравство.

Овие Роса школи се наменети за сите заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства да се охрабрат за одговорно и успешно родителство и да се едуцираат како да се справат со секојдневните предизвици што ги носат новите улоги.

„Верувам дека преку овие Роса школи за родителство ќе успееме да направиме чекор напред кон подобрување на добросостојбата на сите идни родители, но и на здравството воопшто. Наша искрена цел е овој проект да продолжи да живее и во наредните години, со цел да им овозможиме на поголемиот број граѓани ширум Македонија да имаат современ и модерен пристап кон спокојно родителство“, изјави Владимир Косијер, генерален директор на Пивара Скопје, потенцирајќи дека оваа компанија, чија определба е да биде долгорочен партнер на целата заедница, ќе продолжи да дејствува во насока на подобрување на условите за сите идни родители. 

Министерот за здравство, Венко Филипче истакна дека Министерството влегува во овој проект партнерски со Пивара Скопје, која постојано ја покажува својата општествено-одговорна практика и во сферата на здравството.

„Во овој проект ние, како Министерство за здравство ќе ги обезбедиме експертската помош и стручниот кадар од лекари специјалисти кои ќе работат во сите три школи, со што сметам дека заедно ќе успееме да одговориме на сите можни прашања поврзани со родителството и ќе успееме да направиме позитивна разлика за општеството“, рече министерот Филипче.

Директорот на Здравствен дом ‒ Скопје, Злате Мехмедовиќ апелираше до сите заинтересирани да се пријават во оваа поликлиника, бидејќи обуките, како што рече, навистина носат големи бенефити за родителството.

„Во Роса школото за родителство ќе работи обучен и стручен тим составен од педијатар, гинеколог акушер и патронажна сестра, кои преку многубројни работилници, организирани во 5 тематски целини ќе обучуваат за успешно родителство, за текот на бременоста и нега на трудниците, како и за подготовките за породување, негата и исхраната на новороденчето “, рече Мехмедовиќ.

Проектот „Роса школи за родителство“ е резултат на шестмесечната кампања преку која беше издвоен по 1 денар од секое продадено шише вода „Роса“ од 1,5 литри, а средствата беа наменети за комплетно реновирање и опремување на три простории во здравствените институции наменети за Роса школите за родителство.


 

Содржината е прочитана 165 пати.