Бизнис вести

Анѓушев: „Југохром“ ќе почне да работи напролет

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев кој вчера беше во посета на комбинатот рече дека нема отстапување, ниту алтернатива за обврската на сопственикот на фабриката да заврши со изградбата на системот за отпрашување, бидејќи животната средина мора да биде заштитена

петок, 23 ноември 2018

„Југохром“ ќе почне да работи напролет, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев кој вчера беше да го посети комбинатот во Јегуновце откако Владата донесе одлука да помогне во обезбедување кредит за да може да се доизгради неопходната филтер станица и фабриката да се рестартира.

„Имајќи го предвид значењето на ’Југохром’ за целиот регион, за тоа колку семејства егзистираат од неговата работа, како и значењето на комбинатот за целокупната економија во државата, Владата донесе одлука да помогне со ликвидни средства за рестартирање на објектот. Тие средства не се наменети само за една цел, туку за да се затвори финансиската конструкција на сопственикот, за да може да го стартува погонот. Филтерот веќе се гради и комбинатот ќе биде стартуван напролет, согласно сите разговори“, рече Анѓушев.

Тој потенцираше дека за да се рестартира фабриката сопственикот има обврска да заврши со изградбата на системот за отпрашување, а од тоа, како што рече нема отстапување и нема алтернатива, бидејќи животната средина мора да биде заштитена.

„Моја порака до сопственичката структура е дека ќе мора да ги завршат своите обврски, но и до сите вработени дека тие, својата егзистенција може да ја гледаат во оваа фабрика. Со овој потег ќе се направи еден голем исчекор во работењето на компанијата“, изјави Анѓушев.

Деновиве Владата донесе одлука преку Македонската банка за поддршка на развојот да биде обезбеден кредит во висина од 1,5 милион евра. Со овие средства треба да се доизгради системот за отпрашување на печките 7 и 8, што се очекува да биде завршено во наредните 5-6 месеци, по што тие повторно ќе бидат ставени во погон, комбинатот ќе почне да работи, а 550 работници ќе бидат вратени на работа.

 

Содржината е прочитана 221 пати.