Инфо

Пензионерите кои примаат само пензија не треба да се пријавуваат во УЈП

Согласно новиот закон за личен доход до 2024 година се одложува обврската за доставување годишна даночна пријава од страна на УЈП до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

четврток, 22 ноември 2018

Пензионерите кои примаат само пензија и немаат дополнителен приход не треба да се пријавуваат во УЈП за е-перснален данок до 2024 година. Обврска да пријават годишна даночна пријава имаат само оние пензионери кои оствариле друг приход освен пензијата.

Ова го содржи новиот закон за личен доход, кој денеска го презентираше директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„Со новиот закон за личен доход се предвидува во наредните седум години да се одложи обврската за доставување годишна даночна пријава од страна на УЈП до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи дека во даночните периоди од 2018 до 2024 година пензионерите кои не оствариле друг приход освен пензија, се ослободени од било каква обврска кон УЈП“, рече Лукаревска.

Според податоците на УЈП од минатите години во државата има околу 45.000 пензионери кои покрај пензијата остваруваат и дополнителни приходи и тие секако имаат обврска да се евидентираат во електронскиот систем.

Лукаревска информираше дека досега една третина од претпоставените граѓани се пријавиле на е-ПДД, односно, до денеска се регистрирани 300.000 граѓани преку е-регистрација, а останува уште 600.000 граѓани да ја завршат оваа обврска. Директорката очекува оваа обврска граѓаните да ја исполнат до крајот на годината без поголеми проблеми, а за таа цел УЈП поставува мобилни шалтери во општините, додека мобилните екипи на Управата ги посетуваат домовите на оние кои не се во состојба сами да се регистрираат и да ги донесат документите на шалтер. Истовремено, тимови на УЈП веќе вршат регистрација во државните и јавите институции, како и во компании со поголем број вработени.
 

Содржината е прочитана 246 пати.