Култура

Во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга пронајденa фреска од 13 век

Фрагмент на фреска од Свети Ѓорѓи во истоимената црква во Струга го потврдува податокот дека ова е најстар христијански верски објект во Струга, кој датира од средината на 13 век.

петок, 30 октомври 2015

Фрагмент на фреска од Свети Ѓорѓи во истоимената црква во Струга го потврдува податокот дека ова е најстар христијански верски објект во Струга, кој датира од средината на 13 век.

Според Сашо Цветкоски од Центарот за изучување културно наследство при МАНУ, откривањето на овој фрагмент од фреска во црквата „Свети Ѓорѓи“ е уште една потврда дека храмот постоел и во 13 век.

- Ако досега старината на црквата ја ценевме по иконата на Свети Ѓорѓи од 1267 година на наше големо изненадување пред повеќе од еден месец се откри фрагмент на фреска која датира од истиот период, односно средината на 13 век. Тоа за нас беше огромно изненадување, но и уште една потврда дека навистина најстарата црква во Струга постоела во средината на 13 век. Тоа е големо откритие за кое допрва ќе се подготвуваат сите научни анализи, појасни Цветкоски.

Храмот, посочи тој, егзистирал низ вековите и повеќе пати бил обновуван се до 19. век кога е направена последната голема обнова и датира денешната црква „Свети Ѓорѓи“.

- Оваа година одбележуваме 180 години од обновата на црквата, а денешната црква е обновена 1835. Внатре имаме икони и црковни и литургиски предмети кои датираат од различни хронолошки периоди. Имаме голем дел на поствизантиски икони, односно период на османлиската управа период од 16 и 17 век кога во историски извори повторно имаме потврда за постоење на оваа црква бидејќи тогаш имало скрипториски центар, каде се препишувале стари книги. Имаме потпишани имиња на познати скриптографи, кои работеле во црквата „Свети Ѓорѓи“, еден од нив е и монахот Виктор кој крајот на 17 век потпишува една од тие книги, изјави Цветкоски.

Во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга доминираат икони од доцниот среден век, од времето на преродбата и од последната обнова 1835 година.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 495 пати.