Инфо

До крајот на декември ќе биде завршена пругата Битола-Кременица кон Грција

Станува збор за проект од 17,2 милиони евра, од кои 6 милиони евра се грант од ЕУ, односно, средства од ИПА, а 11 милиони евра се обезбедени од државниот буџет

среда, 21 ноември 2018

Пругата Битола-Кременица кон Грција ќе биде завршена до крајот на годинава. Владата најавува завршница на овој проект до крајот на декември, кога е последниот рок пругата да биде ставена во функција, за Македонија да не ги изгуби парите кои и се на располагање од европските фондови.

Станува збор за проект од 17,2 милиони евра, од кои 6 милиони евра се грант од ЕУ, односно, средства од ИПА, а 11 милиони евра се обезбедени од државниот буџет.

Поставени се шините на пругата од Битола до грчка граница и останува до Нова година да се довршат другите работи, како сигнализацијата, струјата, информатичкиот систем, железничката станица и паркингот.

„Железничката пруга со сите сегменти ќе биде готова до крајот на оваа година, а практично ќе може да биде пуштена во употреба на 31 декемрви. Целокупните градежни работи се веќе завршени , шините се поставени, останува да бидат завршени некои други работи“, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев кој денеска изврши увид на пругата.

Овој проект се реализираше со многу технички проблеми, а имаше проблеми и во самата изведба. Проектот беше блокиран откако претходната Влада го раскина договорот со бугарскиот конзорциум кој не ги испочитува роковите за изградба на пругата до 2016 година, а Македонија води спор со компанијата. Сепак, од Владата уверуваат дека се вложени големи напори да се надминат сите проблеми како од технички, така и од финансиски аспект и дека сите активности ќе завршат навреме.

„Брзаме согласно роковите што се дадени до крајот на оваа година за да не ги изгубиме средствата кои што ни се дадени на располагање. Во делот на водењето евентуални арбитражи со претходната компанија, сметаме дека Македонија не треба да го изгуби тој спор“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и додаде дека најбитно во мометот е да се овозможи пругата да биде функционална

Пуштањето во употреба на пругата Битола – Кременица по 32 години повторно ќе го поврзе железнички Пелагонискиот регион со Грција. Тоа ќе значи побрз и поевтин транспорт на стоки и услуги до Солунското пританиште.

 

Содржината е прочитана 128 пати.