Инфо

Стручната јавност расправаше за изворите и за мерките против загадувањето во Скопје

Градот Скопје организираше работилница „Загадувањето на воздухот во Скопје – Факти, причини, акции“ на која присуствуваа претставници на државни и научни институции, компании, здруженија на граѓани, како и на УНДП

среда, 21 ноември 2018

Затоплувањето на домовите и транспортот како извори за загадување, но и потребата од координирани акции за негово намалување, беа главните теми на кои се дискутираше на работилницата „Загадувањето на воздухот во Скопје – Факти, причини, акции“ што ја организираше Град Скопје на која присуствуваа претставници на државни и научни институции, компании, здруженија на граѓани, како и на УНДП.

Работилницата ја отвори Никола Наумоски од Град Скопје кој се осврна на дваесетина од мерките и проектите кои градската администрација ги реализира во насока на намалување на последиците од загаденоста на воздухот, спроведени или започнати во изминатите 12 месеци.

„Во поглед на транспортниот сектор нашите студии препорачуваат спроведување голем број мерки со широк опфат, каде што најголем дел се однесуваат на оданочување на возилата и воведување нова методологија која ќе се базира на CO2 емисии. Со овие промени се предвидува зголемување на цената за давачките при увоз на возилото во државата, како и при регистрација за возилата кои повеќе загадуваат. Конкретно, за Скопје предвидена е електрификација на такси возилата во градот до 2025 година, односно 60 проценти би биле со електрични возила, додека преостанатите 40 отсто со т.н. плаг-ин електрични возила. Такси возилата се погодни бидејќи истите поминуваат годишно голем број километри, по нашите пресметки над 40.000 километри годишно. Со таа километража купувањето електрично возило за нив е исплатлива опција, се разбира, поддржани со одредени субвенции од Градот и од државата“, рече Александар Дединец од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ кој за ефектите на транспортот врз загаденоста на воздухот говореше преку презентација на тема „Емисиите од транспортот се помали – но најблиску до нас: моделирање на мерки за намалување на емисиите од транспортот“.

На работилницата можеше да се видат и презентации од експерти кои, покрај загадувањето предизвикано од сообраќајот, говореа и за намалување на емисиите на штетни гасови од употребата на дрвото за греење во домаќинствата.

 

Содржината е прочитана 126 пати.