Инфо

Наредната недела почнува новогодишното украсување на Скопје

Градот Скопје годинава ќе организира пречек на Новата година на плоштадот „Македонија“, но кој ќе ги забавува граѓаните во најлудата ноќ, засега не се кажува

среда, 21 ноември 2018

На централниот плоштад „Македонија“ во Скопје годинава ќе биде организиран пречек на Новата година, а веќе идната недела започнува поставувањето новогодишни сијалички и украси на главните булевари, улици и плоштади кои треба да бидат украсени најдоцна до 7 декември. Сепак, кој ќе ги забавува гаѓаните во најлудата ноќ, се уште не се открива, градските власти велат дека ќе информираат дополнително.

За украсувањето на градот и за Новогодишната програма се одвоени 16 милиони денари од градскиот буџет. До крајот на неделава ќе биде склучен договорот со фирмата која ќе украсува и тогаш ќе се знае колку точно ќе чини украсувањето. А, компанијата „Проивент солуции“ ДООЕЛ Скопје за 6 милиони денари треба да го изработи идејниот концепт и да ја реализира Новогодишната програма.

Предвидено е да има културно музичка програма, новогодишен базар што ќе трае 15 дена, а во текот на викендите ќе има бројни приредби за најмладите, како и концерти, забава и рекреација за возрасните.

Како што појасни градоначалникот, Петре Шилегов елката ќе биде поставена на средина на плоштадот „Македонија“ кој ќе биде претворен во божикно село во кое ќе има 60 куќарки на кои ќе се продаваат подароци, храна и топли пијалоци. Подножјето на елката ќе биде шанк на кој граѓаните ќе може да седат. За да се долови подобро новогодишната атмосфера ќе има снежна зона каде со помош на топ ќе се создава вештачки снег. Децата ќе можат да се возат бесплатно на новогодишното вовче низ штандовите. Ќе има и натпревар во изработка на скулптури со претходно одредена тематика кои ќе бидат од блокови мраз, што ќе претставува новитет во Скопје, како и маскирани забавувачи кои ќе ги анимираат и забавуваат граѓаните.

„Новогодишната програма ќе почне на 7 декември и на малата сцена секој ден ќе има програма. Вечерта на 31 декември ќе има пречек на Новата година на плоштад, а за тоа кој ќе ги забавува граѓаните дополнително ќе информираме. Ќе создадеме една вистинска новогодишна атмосфера“, рече Шилегов.

 

Содржината е прочитана 189 пати.