Бизнис вести

Владата ќе обезбеди кредит од 1,5 милиони евра за „Југохром“

Македонската банка за поддршка на развојот ќе склучи договор за кредит со комбинатот од Јегуновце од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување

среда, 21 ноември 2018

Владата донесе одлука да обезбеди кредит за комбинатот „Југохром“ од Јегуновце во висина од 1,5 милиони евра за изградба на филтерска постројка, која е неопходна за фабриката да добие А интегрирана еколошка дозвола и да продолжи да работи.

„Владата ја задолжи Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со Друштвото за производство, трговија и услуги ’Југохром Алзар’ ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) на износ од 92.242.500 денари за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените“, соопшти Владата.

Од комбинатот очекуваат кредитот да го вратат за четири до пет години, но засега е најважно што со ова се отвора можност „Југохром“ повторно да ги вклучи изгаснатите две печки и да врати на работа повеќе од 500 луѓе.

Инаку, индустриските капацитети требаше до април 2014 година да обезбедат А интегрирана еколошка дозвола за да можат непречено да работа. Сите компании успеаја во тоа, освен „Југохром“ и „Макстил“ поради што ним неколку пати им беше пролонгиран рокот. Во меѓувреме „Макстил“ ја доби дозволата за работа, додека комбинатот од Јегуновце не успеа да ги постави потребните филтри и по неколку пролонгирања на роковите, на крајот ги згасна печките и престана да работи. Досега има вложено 1,2 милиони евра сопствени средства со кои се реализирани 30 проценти од проектот.
 

Содржината е прочитана 160 пати.