Здравје/ Убавина

Во „Аџибадем Систина“ вградено второ вештачко срце

Вградувањето вештачко срце е најтешката интервенција во кардиохирургијата, исклучително ретка операција, па ова претставува уште еден пионерски кардиохируршки зафат кој „Аџибадем Систина“ ја вброи меѓу петте водечки центри за кардиохирургија во Европа

понеделник, 19 ноември 2018

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје е вградено второто целосно вештачко срце. Го доби 28-годишна девојка од Скопје, која во Болницата била донесена во животно-загрозена состојба. Оперативниот зафат бил изведен во четвртокот вечерта, по што таа сега веќе самостојно дише и засега се чувствува добро.

Од Болницата велат дека вградувањето вештачко срце е најтешката интервенција во кардиохирургијата, исклучително ретка операција, а ако се има предвид претходната состојба на пациентката, може да се рече дека ова претставува уште еден пионерски кардиохируршки зафат. Со тоа „Аџибадем Систина“ се вбројува меѓу петте водечки центри за кардиохирургија во Европа.

Интервенцијата траела околу осум часа и комплетно ја извел тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ.

„Пациентката се наоѓа на Одделот за кардиохируршка интензивна нега и е под постојан мониторинг од страна на нашиот тим. Има подобрување на состојбата, ослободена е од ECMO апарат и сега самостојно дише. Поради успешното изведување на операцијата и годините на пациентката, се надеваме дека за околу еден месец таа ќе може повторно да застане на нозе и да продолжи со секојдневните активности“, рече проф. д-р Николиќ.

Од Болницата појаснуваат дека со вградувањето на вештачкото срце пациентката добила шест до осум години живот, по што ќе биде потребна трансплантација. Но лекарите, како што велат, поради брзиот напредок на медицината, се надеваат дека ќе најдат друго посоодветно решение за неа и за побрзо време.

Ова е втора кардиохируршка операција на вградување на целосно вештачко срце во Македонија за неполни четири месеци, по првата изведена во јули годинава. Со ова Клиничката болница „Аџибадем Систина“ уште еднаш застана рамо до рамо со самиот врв на светските здравствени установи кои вршат зафати со механичка срцева потпора. Истовремено, ова има огромно значење и за македонската кардохирургија вбројувајќи ја земјава меѓу врвните светски центри за кардиохирургија.

„Со вградувањето на второтo вештачко срце за кус период ’Аџибадем Систина’ и понатаму демонстрира дека е лидер во воведување нови интервенции, технологии и практики. Со последната операција отидовме и чекор понатаму. Горди сме на нашиот тим кардиохирурзи, којшто е единствен сертифициран тим за изведување на овој тип интервенции во Република Македонија. Од експертите од странство добиваме признанија за изведувањето на оваа крајно комплексна операција. Нивните признанија се за вкупните капацитети на болницата, подготвеноста и знаењето на нашиот тим, предводен од проф. д-р Николиќ да влеземе во ризичен зафат за да го спасиме животот на младата пациентка. Но, повеќе од сè, тие се потврда за достигнувањето на целта што ја поставивме пред нас пред осум години - станавме најдобриот кардиохируршки центар во Македонија и еден од најдобрите во Европа“, изјави д-р Јана Марин, директор на болницата и член на Одборот на директори на „Аџибадем Систина“.

Реномираниот експерт за лекување срцева инсуфициенција од Германија, кардиоваскуларенот хирург д-р Латиф Арусоглу, којшто како надворешен експерт ја набљудуваше операцијата, вели дека мал број центри во Европа би се согласиле ја прифатат пациентката и да ја изведат операцијата. Според него, со успехот на оваа интервенција „Аџибадем Систина“ стана еден од петте врвни центри за кардиохирургија во Европа кадешто се изведуваат вакви интервенции.

Во светски рамки се изведени околу 1.800 операции на вградување целосно вештачко срце, а Македонија е на листата од 25 земји во светот каде што се практикува овој комплексен кардиoхируршки зафат, покрај САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија.
 

Содржината е прочитана 41 пати.