Инфо

Град Скопје почнува со присилна наплата на фирмарината

Сите таксени обврзници кои имаат заостанати и неплатени долгови за комунална такса за 2017 година потребно е да си ги подмират обврските

понеделник, 19 ноември 2018

Градот Скопје ги известува сите таксени обврзници, дека во согласност со одредбите за присилна наплата од Законот за даноци на имот, почнува постапка за присилна наплата на неплатените обврски по основ на неплатена комунална такса за фирма (фирмарина) за 2017 година.

Сите таксени обврзници кои по горенаведените основи имаат заостанати и неплатени долгови, потребно е да ги подмират своите обврски.

„Со цел да се избегнат непотребните блокирања на сметките, доколку се увиди дека постои платен, но нерегистриран долг, таксениот обврзник може да дојде во просториите на Град Скопје, барака 16, секој работен ден од 7:30 часот до 16:30 часот“, соопштуваат од Град Скопје и напоменуваат дека во месец март оваа година биле испратени опомени за неплатен данок на имот и комунална такса за фирмарина до сите правни и физички лица кои вршат дејност на територија на Град Скопје.

Бидејќи рокот во којшто требаше да се изврши наплатата по доставената опомена е поминат, Градот изготви решенија за присилна наплата кои се веќе доставени до таксените обврзници.

Доколку не се постапи по ваквото решение, се изготвува решение за блокада на сметките на обврзниците по банки.


 

Содржината е прочитана 169 пати.