Бизнис вести

ТАВ Македонија во Охрид го пречека првиот лет од Виена

Во саботата во 17 часот авионот на „Wizz Air“ од типот „Ербас А 320“, со капацитет од 181 патник пристигна од главниот град на Австрија на аеродромот „Св. Апостол Павле“, а половина час подоцна полета назад кон Виена

понеделник, 19 ноември 2018

ТАВ Македонија го пречека првиот лет на „Wizz Air“ од Виена на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, одбележувајќи го отворањето на новата авиолинија и новата дестинација од македонскиот туристички центар, Охрид.

Воздухопловот на „Wizz Air“ од типот „Ербас А 320“, со капацитет од 181 патник пристигна од главниот град на Австрија на охридскиот аеродром во саботата во 17 часот, а половина час подоцна, авионот полета назад кон Виена.

Новата директна линија Виена-Охрид-Виена ќе сообраќа во текот на целата година, за почеток два пати неделно, односно секој вторник и секоја сабота, со време на пристигнување на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во 17:00 часот и време на заминување кон меѓународниот аеродром „Виена“ во 17:30 часот.

Од 4 декември, времето на пристигнување во Охрид ќе се промени во 12:30 часот, додека времето на заминување назад кон Виена во 13:00 часот, во истите денови.

Од 20 декември, пак, „Wizz Air“ ќе ја зголеми фреквенцијата на оваа линија, односно ќе има лет и во четврток, со време на пристигнување на аеродромот во Охрид во 12:40 часот, а време на заминување кон аеродромот во Виена во 13:10 часот.

Менаџментот на ТАВ Македонија изрази огромно задоволство за континуираниот развој на мрежата на авиолинии на охридскиот аеродромот „Св. Апостол Павле“.

„Со додавањето на Виена како нова редовна авиолинија и како нова дестинација од охридскиот аеродром ’Св.Апостол Павле’, ТАВ Македонија не само што ја проширува својата мрежа на авиолинии, туку исто така ја отвора Австрија како нов дојдовен пазар за патници и туристи на прекрасното Охридско Езеро.Во исто време, сите граѓани кои живеат во регионот на Охридското Езеро, во Охрид, во Струга, но и во сите општини долж охридското крајбрежје, од македонска страна, но и во соседните држави, ќе имаат можност да го користат директниот лет Охрид–Виена како прифатлива конекција за патување во Австрија. Дополнително, развојот на пазарот на оваа авиолинија ќе биде шанса за авиокомпаниите, за тие да го искористат стекнатото искуство за отворање повеќе нови авиолинии од охридскиот аеродром.ТАВ Македонија и понатаму ќе ги промовира Охрид и Македонија како прекрасна туристичка дестинација на авиокомпаниите и на тур-операторите, со цел тие да воведуваат нови авионски врски и да отвораат нови туристички дојдовни пазари, кои би биле од полза за локалната заедница долж Охридското Езеро и за македонската економија воопшто“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Билетите за линијата Виена–Охрид-Виена се во продажба преку интернет страницата на „Wizz Air“ - www.wizzair.com.

Со додавањето на Виена како нова дестинација, на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ сега има 3 редовни линии, Виена, Базел и Цирих, како и 8 сезонски дестинации до Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, со 11 авиокомпании.

Од ТАВ Македонија соопштуваат дека компанијата како аеродромски оператор на двата македонски аеродрома продолжува да бележи двоцифрен пораст во бројот на патници. Од јануари до октомври 2018 година повеќе од 2 милиона патници патувале преку двата македонски аеродрома – Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ - Охрид, што е пораст од 17 проценти на годишно ниво. Во исто време вкупниот број на летови е 17.017, што е 11 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година.

 

Содржината е прочитана 200 пати.