Бизнис вести

Самитот „Македонија2025“ даде перспективи и можности за развој на Македонија

На Самитот беше констатирано дека во наредниот период зголемен интерес за инвестирање ќе има во дигиталните трансформации, најновите технологии во здравството, за зелените индустрии, производството на канабис во медицински цели, за изградбата на технолошко-иновативни центри, вештачката интелигенција

четврток, 15 ноември 2018

Во текот на изминатата недела се одржа најголемиот бизнис Самит во регионот организиран од Меѓународната организација „Македонија2025“. Оваа организација годинава прославува 10 години од своето фирмирање и нејзиното мото „Заедно да градиме посилна нација“ се огледа во организирањето седум години по ред Самит којшто ги претставува најзначајните теми од динамичната глобална економија и применливите практики кои овозможуваат размена на знаења, идеи и иновации.

Самитот од година во година е се подобар, поквалитетен и поброен, за што придонесува целиот организациски тим, а особено залагањето на Мајк Зафировски, еден од основачите и претседател на Бордот директори на „Македонија2025“. Неговиот придонес за ширење етичко лидерство како основен столб за здрава економија и просперитетно општество, на Донаторската – гала вечер беше крунисан со наградата за филантропија „Џон Битов Постариот“ која е интеранционална и го носи името на еден од најпознатите филантропи во Канада од македонско потекло. 

И на оваа вечера се потврдија намерите за поддршка на младите, а присутните донираа средства за Фондот за талентирани студенти од ранливи категгории „Таленти денес – лидери утре“. Притоа беа собрани 70 илјади долари кои ќе се користат за годишни стипендии, обуки за личен лидерски развој, платена пракса, техничка опрема и за учество на меѓународни научни натпревари. Со ова се продолжуваат активностите за поддршка на младите со кои и започна овој Самит, преку одржување средношколски натпревари за најдобар бизнис концепт, а се поттикнува и развојот на бизнис натпревари поддржани пошироко во регионот од Западен Балкан.

Присуството на врвни економски аналитичари како што е Ентони Б. Ким, менаџер за истражување и уредник на индексот за економска слобода во американската фондација „Херитиџ“ и на Максимилијан Ламбертсон, водечки аналитичар за Источна Европа, дава оценка на амбиентот за водење бизнис и стратешките цели свртени кон иднината кои ќе дадат обновена патека за Македонија. Во оценките за целиот регион предвиден е просечен раст на реалниот БДП од речиси 3,3 отсто за периодот 2018 – 2022 година. Во овој период зголемен интерес за инвестирање во овој регион ќе има за дигиталните трансформации, најновите технологии во здравството, за зелените индустрии, производството на канабис во медицински цели, за изградбата на технолошко-иновативни центри, вештачката интелигенција и др.

На Самитот учествуваа преку 60 говорници од над 20 земји во 15 панел-сесии, а сето ова го проследија интерактивно 350 реномирани гости од целиот регион.

Некои од позначајните сознанија од сесиите се во делот на медицината, каде што зборуваше д-р Калдерон, торакален хирург од Мексико, кој ги објасни научните сознанија за правење вештачко срце, што денес е во многу понапредна фаза во однос на 1982 година кога е направено првото вештачко срце. Овој уред е екстремно скап, чини до 250.000 долари, плус цената на операцијата, но денес, научниците во Тексас, каде што е вклучен и тој, прават вакви поекономични уреди со максимално смалување на трошоците. А, ако се знае дека статистички во светот од срцеви заболувања боледуваат 25 милиони луѓе, секако, дека овие иновации се значајни како за здравјето на луѓето, така и за заштедите во економијата.

Согледувањата на д-р Џорди, главен извршен директор на „Универзал доктор“ и еден од топ 50 лидери според Здравствената информатичка организација во Европа, со примената на мобилни апликации во здравството може да се едитира сопствениот геном, на пример, да ја детектирате загаденоста на воздухот и како ви делува доколку имате астма. Или, примената на мобилен монограф, преку апликација, кој помага кај пулмологијата. Со користењето на трикордер – уред за дијагностика, преку апликација, ќе може да се врши проверка на симптомите на заболеност преку чип-роботи.

Ставот на министерот за здравство, Венко Филипче е дека Македонија се труди да внесе што повеќе иноваци, тоа го прави со 3Д дијагностката, со телемедицина и со мапирање на целиот регион во наредниот период за да се внесат овие новини. А, Македонија може да ги воведе овие иновации, особено во Скопје заради големата загаденост на воздухот.

Во делот на технологиите во банкарството, свои искажувања имаа Алек Ицев, менаџер за инженерство во „Гугл“ и други, кои зборуваа за отворено банкарство и градење платформи со лесни решенија не само за компаниите, туку и за секој поединец кој ќе може да ги користи и прави за сопствени финансиски анализи.

Во делот на дигиталните технологии, Кристијан Рут, портпарол на платформата „Дигитална Австрија“ и координатор на Иницијативата „СМ Дигитал“ во Стопанската федерална комора на Австрија, исткана дека треба малите и средните претпријатија да го разберат функционирањето на новите технологии и да се трансформираат за да опстанат и дека владите треба да имаат јасна визија и стратегија да им помогнат на граѓаните и на претприемачите и во делот на компјутерската безбедност, електронскиот идентитет, електронските потписи, работењето со електронски фактури и сл. Токму на оваа проблематика се работи во нашата УЈП, која ги следи праксите од австриските фирми кои спроведуваат софтвер за управување со ризик.

Кати Ицева, како главен инженер за софтверско инженерство во „Мајкрософт“ САД и член на Одборот на директори на „Македонија2025“ смета дека е важно искуството што се добива преку учење за најновите технологии: Cloud, Al, IOT, Edge кои не се привилегија само на „Мајкрофост“ и на „Амазон“, туку се применуваат секаде. Според неа, вештачката интелигенција се повеќе се применува во малите и средните претпријатија, а тоа е можно и во нашата земја.

Во сесијата за зелените индустрии како генератор на раст во општеството, беше зборувано за циркуларна економија која е особено применлива во Израел, за што зборуваше Јаир, основач и директор на „Кајама“ кој е водечки експерт и промотор на дизајн во Комитетот на зелени трендови. Во Израел органскиот отпад се фрла во нов изум – машина од каде се добива течност што се користи како природен гас. Вакви примери за циркуларна економија се применуваат и со машините за перење „Bosh“, а светските компании „Адидас“ и „Најк“, од ѓубрето што се вади од океаните, прават нови материјали од кои изработуваат патики. Во Израел се направени голем број вакви материјали кои се веќе сертифицирани. Во регонов, во Белград за прв пат е отворена фабрика за спалување отпад кој се трансформира во електрична енергија за греење.

Во Македонија е можно да се работи на анаеробно разградување и рециклирање на отпад од храна до 50 проценти. Ова може да се прави вин-вин по пат на јавно приватно партнерство помеѓу јавните претпријатија за собирање отпад и приватни компании кои ќе го преработуваат. Филип Ивановски од „Пакомак“ ја изнесе реалната состојба за рециклирање на 17 проценти отпад, односно, 110.000 тони амбалажа од пластика и хартија која се преработува во Македонија и се очекува до 2020 година да се рециклира 60 проценти од овој отпад. Според неговите укажувања и укажувањето на Љупка Арсова, инженер за животна средина, треба да се работи на менување на менталниот склоп за екологијата, кој ќе го опфати целиот образовен модел, од градинките до повисоките образовни центри, како и со кампањи за селектирање на отпадот. Според истражувањата кои ги наведе Арсова, на 10.000 тони рециклиран отпад се обезбедува економски едно работно место, што значи овој процес, ако изнесува 60 проценти од целиот отпад, тоа ќе доведе до зголемување на вработувањата и зголемена економска корист.

Секако, значајни беа и примерите на македонските стартапи, особено оние кои даваат добри резултати и се формирани, пред се, од Македонци во странство. Пионерот на македонските стартапи, Глигор Дачевски, основач на „DoXteam“, а претходно и коосновач на „Seavus“ истакна дека се многу важни искуствата кои се добиваат во текот на работата.
Поддршката за развој што ја дава „Македонија2025“ за претприемачите доаѓа од четирите програми „Kelloogg“, „Schulich Business School“, „Leader“, „Butove“ кои многу им помагаат при практичната примена во нивните бизниси.
Освен едукациите, коишто се најважни, бидејќи човечкиот капитал е најголемот ресурс, како што истакна Ото Георг Чили од Германија, каде постојат најдобри тренинг центри во Европа, за водење бизнис важно е во Македонија и во регионот да има предвидлива бизнис клима, политичка стабилност, постојана законска регулатива и брза и ефикасна администрација.

Финалето на Самитот му беше доделено на Kevin Murran од „Kellogg“ школата за менаџмент, кој поентираше со следното: „За постојано да се подобруваш себе си, треба да рефлектираш што правиш секој ден, размислувај на големо и гледај како да пораснеш. Ако некој те праша дали ги имаш постигнато своите цели, а ти ги немаш, никогаш не вели не, само кажи - не се уште“.
 
Пишува Лидија Трипуноска
 
Содржината е прочитана 111 пати.