Бизнис вести

Државната каса догодина „ќе тежи“ 3,7 милијарди евра, Владата го усвои предлог-буџетот за 2019

За наредната година Владата предвидува економски раст од 3,2 отсто. Вкупните приходи е планирано да изнесуваат 210,8 милијарди денари, (3,4 милијарди евра) што е за 9 отсто повеќе отколу годинава, а вкупните расходи 228,5 милијарди денари, односно, 3,7 милијарди евра. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти

четврток, 15 ноември 2018

Вкупно 3,7 милијарди евра ќе тежи држаната каса наредната година. Ова е најобемен буџет досега и е за 300 милиони евра поголем од годинашниот. Владата го стокми буџетот за 2019 година, предлогот вчера доби зелено светло од министрите на владина седница и веќе од денеска влегува во собраниска процедура.

За власта новиот буџет е социјален и развоен, за опозицијата, допрва ќе се види, бидејќи се уште не се изјаснила. Затоа, пак, стопанствениците имаа одредени забелешки.

За наредната година Владата предвидува економски раст од 3,2 отсто. Вкупните приходи е планирано да изнесуваат 210,8 милијарди денари, или 3,4 милијарди евра, што е за 9 отсто повеќе отколу годинава, а вкупните расходи 228,5 милијарди денари, односно, 3,7 милијарди евра. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти, или 17,7 милијарди денари и е помал од годинава, но јавниот долг догодина ќе достигне 54,2 отсто од БДП. Стапката на инфлација ќе биде 2 отсто.

„Обезбедуваме умерена и постепена фискална консолидација. Ако пред две години буџетскиот дефицит изнесуваше три проценти од БДП, сега го намалуваме на 2,5 проценти и сметаме дека тоа е сериозно намалување и исправен чекор. Не одиме кон радикално намалување“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски појаснувајќи дека тоа е со цел да се стабилизира јавниот долг. Со постепената фискална консолидација земјата се подготвува за обврските што ја очекуваат во 2020 и 2021 година, кога треба да одвои околу 830 милиони евра само за враќање главници од долгови. Тевдовски потенцираше дека Владата нема повторно да издава еврообврзница, но оти ќе продолжи да се задолжува на домашниот и на странскиот пазар, во зависност од пазарните услови.

Во новиот буџет се предвидуваат поголеми плати за секторите во кои има одлив на луѓе во странство, како и повеќе пари за оние кои ќе работат на интегрирањето во ЕУ и НАТО.

Повисоки плати за 10 отсто се предвидени за лекарите специјалисти, за пет отсто ќе бидат повисоки платите на административците, на здравствените работници, на вработените во образованието и во градинките. Поголеми плати ќе земаат и вработените во одбраната.

Со буџетот за 2019 година се предвидени социјални реформи и поголеми субвенции за земјоделците. За пензии се предвидени 917 милиони евра, од кои половина ќе бидат директен трансфер од буџетот. Се предвидуваат и реформи на системот на социјална заштита, каде влегува и социјалната пензија за оние кои имаат барем еден работен ден и наполнети 65 години, а кои ќе земаат државна пензија во висина од 40 отсто од просечната пензија.

За капитални инвестиции во буџетот за 2019 година се предвидени 418 милиони евра. Стопанствениците бараат капиталните инвестиции да бидат реализирани, да не се повторува ситуацијата на високи проекции и слаба реализација, на што Тевдовски одговори дека клучните проекти кои биле забавени сега се откочени, па очекува тоа да ги забрза капиталните инвестиции.

Приоритет за идната година ќе биде намалувањето на аерозагадувањето. Од владината прес служба соопштија дека за таа цел е донесена одлука да се обезбедат првични 98 милиони денари во Буџетот.

„Донесена е одлука со која намалувањето на аерозагадувањето се утврдува како стратешки приоритет за идната година. Како првични средства за оваа намена во буџетот за 2019 година се предвидени 98 милиони денари, со препорака за обезбедување дополнителни финансиски средства за оваа програма да се искористат постоечките потенцијали од донаторската заедница“, се вели во соопштението од владината прес-служба.
 

Содржината е прочитана 204 пати.