Инфо

Град Скопје ќе се кандидира за Европска престолнина на културата за 2028

Според градоначалникот Петре Шилегов добивањето на оваа титула ќе значи зголемен број туристи, препознатливост и поголем развој

среда, 14 ноември 2018

Град Скопје денеска официјално ја објави одлуката за номинирање на Скопје како кандидат за титулата Европска престолнина на културата за 2028 година, што ја доделува Европската комисија.

„Оваа апликација е доказ за нашите заложби дека Скопје треба да е европски, модерен град, каде вистинските културни вредности ќе бидат на највисоко ниво. Сите активности на Градот или во Градот, како што е реновирањето на Универзална сала, ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 година да биде Европска престолнина на културата“, рече градоначалникот, Петре Шилегов.

Тој додаде дека искуствата на досегашните престолнини покажуваат дека за секое вложено евро, градот добива назад осум евра. Добивањето на оваа титула, како што рече, ќе значи зголемен број туристи, препознатливост и поголем развој.

Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во кабинетот на премиерот и координатор на тимот Скопје – Европски град на културата 2028, изјави дека кога ќе биде објавен повикот за кандитурата во 2021 или во 2022 година, ние ќе треба да поднесеме апликација, која е сложена.

„Веќе два месеци едно јадро од десетина луѓе работи на програмата, истражува, ги студира материјалите и успешните апликации, воспоставува почетна комуникација со други градови. Идејата е во 2019 и во 2020 година да се добиваат повеќе средства од буџетот за да може тимот да расте, успешно да го совлада предизвикот и да поднесе апликација која би требало да има најмногу стотина страници“, рече Алаѓозовски, појаснувајќи дека во апликацијата ќе треба да бидат одговорени многу прашања кои ќе ги разгледуваат експерти од ЕК и потоа ќе прават селекција.

Алаѓозовски соопшти дека подготвителни активности за кандидатира се почнати од 2014 година, а одлучено е дека ќе се кандидриаме за три години од сега.

Според Иван Тотев, градоначалник на Пловдив, кој е Европски град на културата 2019, вели дека ова е политички, а не само културен проект и оти треба да има консензус од сите кои работат на него. Потенцира дека треба да бидат ангажирани луѓе кои ја разбираат културата, а не политичари и да се има план за 10 години.
 

Содржината е прочитана 133 пати.