Инфо

Доделени наградите „13 Ноември“ по повод Денот на ослободувањето на Скопје

„Скопје зад себе има децении на страдање, но и децении на творење. Скопје секогаш успева да ги надмине сите премрежија и повторно да биде градот убав“, рече градоначалникот Петре Шилегов на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје

среда, 14 ноември 2018

„Скопје е град кој поминал низ сѐ и сешто, но полека се враќа на вистинскиот пат на космополитизмот, солидарноста, прогресот. Зад себе тој има децении на страдање, но и децении на творење, децении на паѓање, но и децении на растење. Скопје – градот феникс, кој повторно и повторно се раѓа и повторно и повторно се ослободува. Скопје секогаш успева да ги надмине сите премрежија и повторно да биде градот убав“, рече градоначалникот Петре Шилегов синоќа на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, на која меѓу гостите беа и градоначалниците на Подгорица и на Пловдив со кои Скопје е збратимен град.

Вчеравечер беа доделени и наградите „13 Ноември“ на Град Скопје. Одинашни добитници се Маргарита Цаца Николовска која од областа на науката е наградена за придонес во унапредување, промоција и заштита на човековите права и слободи, развој на демократијата и владеење на правото. Од областа на образованието и воспитанието наградата за 2018 ја прими професорот во пензија, Аџи Фида, за долгогодишна успешна дејност во областа на образованието и воспитанието.

Од областа на културата беа доделени де награди, на музикологот Марко Коловски, за значајни долгогодишни остварувања во областа на музичкото творештво и на писателот и книжевен преведувач Ресул Шабани, за превод на антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“. Академскиот музичар Рамадан Шукри е награден во областа на уметноста за придонес во областа на уметноста, културата, образованието и воспитанието, а архитектката Даница Павловска-Циги ја доби наградата во областа на архитектурата, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.

Од областа на спортот награден е пливачот Андреј Стојановски за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби, а новинарот Сефер Тахири ја доби наградата во областа на публицистиката, за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката.

Во категоријата правни лица, оваа година наградата „13 Ноември“ им е доделена на ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“-Скопје за долгогодишна успешна работа и на Противпожарната бригада на Град Скопје, за успешна работа и голем придонес во заштитата и спасувањето на граѓаните од пожари, природни непогоди и други несреќи.

Во категоријата ученици и студенти, награден е пијанистот Арда Мустафаоглу, ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот, а шест ученици од ООУ „Кочо Рацин“од Скопје: Мила Коцевска, Софија Стојменова, Нена Гиевска, Марија Гавриловиќ, Петар Тодоровски и Ведран Лауренчиќ се наградени за хуманост, односно, за укажување прва помош на лице во градски автобус.

Во рамки на свеченоста во фоајето на Филхармонијата беше отворена изложба на ликовни дела од 14. Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2018“ и беше изведен перформансот „Ослободување на Скопје во 7 поглавја.

 

Содржината е прочитана 135 пати.