Инфо

Од утре задолжително носење зимска опрема во возилата

На возачите кои нема да ја почитуваат обврската им се издава платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, односно им се регистрираат 25 негативни бодови

среда, 14 ноември 2018

Од утре стартува обврската од носење задолжителна зимска опрема во возилата што ќе трае до 15 март следната година. Иако временските услови се уште не се зимски, сепак, од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелираат возачите да ја почитуваат законската обврска, бидејќи во спротивно ќе бидат казнувани.

На возачите кои нема да ја почитуваат обврската им се издава платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, односно им се регистрираат 25 негативни бодови. Исто така, полициски службеник може да го исклучи од сообраќај возилото ако возачот не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба, како и во ситуација кога не постои таков знак. Доколку зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, возачот треба задолжително да ја постави зимската опрема на возилото.

Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри, или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала, пак, подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од шест милиметри, или летни гуми на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази од најмалку четири милиметри. Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил. Притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

За моторни возила со маса над 3.500 колограми се предвидени зимски гуми на погонските тркала со минимална длабочината на шарите од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите од минимум четири милиметри, како и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS", „M+S", „M&S" и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

 

Содржината е прочитана 169 пати.