Инфо

Државата ќе дава по 300 евра субвенции за вградување плински уред во возилата

Во предложените измени на Законот за возила се предвидува и финансиска помош во висина од 3.000 евра за купување хибридно возило и 5.000 евра за набавка на електричен автомобил

среда, 14 ноември 2018

Државата ќе дава по 300 евра субвенции за вградување плински уред во автомобилите, како и 3.000 односно 5.000 евра за купување хибридно, односно електрично возило. Целта е да се намали загадувањето на воздухот предизвикано од издувните гасови на возилата со мотори под европските еколошки стандарди.

Владата ги достави до Собранието измените на Законот за возила со кои се предвидува да се дава финансиска помош за граѓаните кои сакаат да купат електрични и хибридни возила, или да вградат уреди за погон на течен нафтен гас (ТНГ), односно на плински уреди или уреди за друг вид алтернативно гориво, како и за купување ново возило, но доколку старото се одјави. За таа цел во наредните три години за оваа намена се предвидени 12 милиони евра. Од овие пари 2,8 милиони евра ќе бидат одвоени во 2019 година, 4 милиони евра во 2020 година, а 5,2 милиони евра се наменети за 2021 година.

Во Програмата за субвенционирање трошоци за вградување уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во постојните возила е предвидено државата да покрие 50 отсто од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило. Притоа се предвидува да бидат опфатени повеќе од 1.200 возила на годишно ниво.

Според Програмата за субвенционирање на купување нови хибридни и електрични возила, пак, што ја изготви Министерството за економија, ќе се додлеува финнсиска помош во висна од 5.000 евра за набавка на електрично возило, а за купување хибридно возило субвенцијата е 3.000 евра. Во првата година е предвидено да се опфатат набавки на повеќе од 200 електрични и хибридни возила.

Со предлог-законот се предвидува и Програма за субвенционирање купување нови возила со одјава на старо возило.
 

Содржината е прочитана 225 пати.