Интервјуа

Иновативен консалтинг е потреба за реалниот бизнис сектор

Интервју со Пенка Мукаетова, сопственик и генерален менаџер на „КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП“ во кое говори за вредноста што ја носи вистинскиот правен совет и значењето што правниот консултант го има во развојот на сите бизниси, за тоа како се гради успешен бизнис, за поддршката на женското претприемништво

среда, 14 ноември 2018

МАРИЛИ: Госпоѓа Мукаетова, како сопственик и генерален менаџер на „КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП“ кажете ни кој беше предизвикот да формирате своја компанија и со што се занимава таа? 
МУКАЕТОВА:
Првите страници на мојата бизнис-приказна како основач на сопствена компанија беа испишани пред седум години.  Размислувањата за тој период ме потсетуваат на возбудата и на амбицијата, на посветеноста да се исполни поставената цел и на македонскиот пазар да се воспостави бизнис што не само што ќе просперира и ќе се бори за воведување и за развивање на иновативни правни решенија туку и реално ќе има импакт врз бизнис-заедницата. Главен предизвик со кој се соочив беше подигнувањето на свеста за да се докаже вредноста што ја носи вистинскиот правен совет и огромното значење што правниот консултант го има во животот и во развојот на сите бизниси. „КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП“ е специјализирана консултантска компанија за деловно право и како комплетен правен сервис на клиентите им нуди отворена листа на услуги што постојано се проширува, а таа се состои од: основање и статусни промени на компаниите, изработка на бизнис-планови и на маркетинг-планови, консултации и советување в.в. постапки за јавни набавки, правен и економски due diligence, истражување на инвестициски можности, алтернативно решавање на спорови преку медијација, повраток на средства од надоместок за патишта, заштита на интелектуална сопственост, советодавни решенија при влегување во договорни односи, посредување меѓу клиентите и институциите и државните органи. 


МАРИЛИ: Работите и надвор од границите на Р.Македонија. Кажете ни со кои пазари и на каков тип проекти ги реализирате овие релации? 
МУКАЕТОВА
: Во согласност со трендот на глобализација на пазарот, досегашното искуство покажува дека голем број странски компании се заинтересирани за инвестирање во Р. Македонија, а ние се грижиме, како за формалното основање и регистрирање на компании, подружници и претставништва, така и за обезбедување поддршка во почетните фази на навлегување на македонскиот пазар и понатаму во походот на развивање на нивниот бизнис. Преку нашите претставници во странство многу често им помагаме на македонските компании што сакаат да излезат надвор од границите на Македонија и да го прошират своето бизнис-дејствување. Странските пазари се плодно поле и во областа на меѓународната заштита на индустриската сопственост.

МАРИЛИ: Во функционирањето на ваков бизнис потребни се многу знаење, стручност и постојана едукација. Може ли да ги наведете по приоритет најважните компоненти за да се изгради успешен бизнис?
МУКАЕТОВА:
Знаењето, експертизата, професионалниот интегритет во работењето, подготвеноста за соработка, истрајноста во потфатите и надградувањето на работното искуство се круцијални за успешно раководење на бизнисот. Сите овие компоненти меѓусебно се дополнуваат и имаат еднаква важност. „КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП“ му посветува големо внимание на континуираното надградување на знаењето на целиот тим поради што редовно посетуваме обуки во земјата и во странство, настани, билатерални и мултилатерални средби со странски компании, семинари, конференции и трибини и членуваме во асоцијации и во стопански комори. Дополнително, како компанија што доби акредитација за спроведување на континуирано професионално усовршување, правиме напори да се појавиме и во организација на предавања и на обуки, на начин што ни овозможува да ги пренесеме стекнатото знаење и искуство. 

МАРИЛИ: Какви се Вашите искуства како консултантска куќа во однос на семејните бизниси, по што се специфични?
МУКАЕТОВА:
Седумдесет проценти од бизнисите во Македонија се сметаат за семејни бизниси, а овој процент говори за нивната важност. Нашето искуство во работата со семејните бизниси покажува дека најчест проблем со кој се соочуваат е одржувањето баланс меѓу професионалниот и личниот аспект на сите инволвирани. Друга специфичност што може да се спомене е пренесувањето на бизнисот што може да биде издејствуван само со детална и јасна подготовка, а притоа да нема промени во неговата успешност и во пазарната позиција. Во секој случај, сметам дека во иднина треба да им се посвети внимание и регулација на семејните бизниси со цел да се унапредуваат, развиваат и да се промовираат.

МАРИЛИ: Една од Вашите главни карактеристики е фактот дека сте општествено одговорна компанија. Кои активности ги преземате во рамките на Вашата програма за општествена одговорност?
МУКАЕТОВА:
Како компанија сме горди промотори на женското претприемаштво и се трудиме активно да бидеме вклучени во сите акции што ја промовираат идејата за подобрување на позицијата на жената во бизнис-секторот. Кога разговараме за поддршката на женското претприемаштво, вреди да се спомене и Проектот за менторирање на жените, во кој се појавив во улога на бизнис-ментор на жени што се во фаза на размислување за започнување сопствен бизнис, нивно правилно насочување и подготовка за предизвиците што ги очекуваат и едукација како да се справат со нив. Овој проект претставува прекрасно искуство затоа што сметам дека годините на менаџирање сопствен бизнис кај мене креираа способност да умеам да препознаам добра бизнис-идеја и да го осмислам најдобриот начин што ќе доведе до нејзина реализација. Дополнително, го поддржуваме социјалното претприемаштво. Во рамките на остварувањето на својата општествена одговорност „КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП“ веќе неколку години спроведува програма за практикантство на студентите на правните факултети.

МАРИЛИ: Активни сте и во соработката со здруженијата и со асоцијациите што се борат за поттикнување на улогата на жената во бизнис-секторот. Дали сметате дека треба да се воведат правни и законски мерки што ќе го зголемат учеството на жените во бизнисот?
МУКАЕТОВА:
„КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП“ како компанија е силен поддржувач на промоцијата и на зацврстувањето на улогата на жената во сите општествени случувања, особено во бизнис-секторот. Секако дека законската регулатива има големо значење во креирањето на перцепцијата на женската улога, но верувам дека мерките што треба да се применат не смее да бидат крути, туку добро осмислени и подготвени за имплементација. Според моето мислење, најефективен метод за поттикнување на женската вклученост во бизнисот е образованието. Уште од најрани години мора да се промовира половата еднаквост, да се оттргнеме од традиционалните поимања на улогите на половите и да ја либерализираме идејата за женската еманципација. Девојчињата, а потоа и жените мора да се свесни за својот квалитет и за способностите што ги носат бидејќи така најлесно ќе ја заземат улогата на лидерки, креаторки и како дефиниции за успех.

МАРИЛИ: Имаме одлив на млад високообразован кадар од земјава. Што може да им препорачате на младите во делот на храброста, оптимизмот и што уште им е потребно за да успеат професионално?
МУКАЕТОВА:
Значајна претпоставка за успех е упорноста. Младите луѓе мора да запомнат дека секој кариерен пат е преполн со препреки, да се подготват за секоја можна ситуација за да може кога ќе се појави проблем да го решат на најбезболен начин. Но, исто така, не смее да заборават дека во секое време пред очи како идеал треба да го имаат успехот што, иако е строго субјективен и променлив, со напорна работа, труд, посветеност, амбиција, мотивација и непокорност, секако, може да се достигне.
 

Содржината е прочитана 185 пати.