Инфо

ЕБОР го одобри заемот од 10 милиони евра за купување 35 екоавтобуси за Скопје

Новите автобуси ќе бидат на природен гас (CNG) со мотори Еуро 6, со цел да се обезбедат подобри еколошки и оперативни перформанси

вторник, 13 ноември 2018

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го одобри заемот од 10 милиони евра за купување на 35 екоавтобуси за Скопје и нивно опремување со најсовремена ИТ апаратура. Во соопштението од Банката се вели дека со заемот ќе се подобри јавниот превоз и околината на еден од најзагадените градови во Европа. Проектот вреди 11,8 милиони евра.

„Проектот има за цел да ги подобри и модернизира автобуските линии во Скопје преку купување на 35 автобуси на природен гас (CNG) со мотори Еуро 6, со цел да се обезбедат подобри еколошки и оперативни перформанси. За таа цел ЕБРД предвидува обезбедување на заем од 10 милиони евра за Јавното сообраќајно претпријатија, додека Град Скопје кој е основач на истото треба да обезбеди банкарска гаранција“, се вели во соопштението.

Новите 35 автобуси кои ќе имаат најмодерни мотори со Еуро 6 стандард и треба да ги заменат старите дизели со Еуро 2 стандард.

Дел од договорот за заемот се и обврските што треба да ги превземат Градот Скопје и претпријатието, а тоа се долгорочно да се реконструира возниот парк, да се подобри ефикасноста и одржливоста на работењето на ЈСП и да се изработи Акционен план за зелени градови (GKAP).

„ЕБРД евидентираше неколку недостатоци во претпријатието: недостаток на системи за управување со животната средина и социјалните прашања, недостаток на формален механизам за поплаки, нема поттик за зголемување на бројот на вработени жени, неодржување на депоата, несоодветно управување со безбедноста и здравјето при работа“, се вели во соопштението на Банката.

 

Содржината е прочитана 141 пати.