Бизнис вести

Буџетот за 2019 треба да тежи 3,7 милијарди евра

Министерот за финансии, Драган Тевдовски го презентриаше предлогот за новиот буџет на првата јавна расправа на која учествуваа претставници на синдикатите, коморите, невладиниот сектор и новинари

понеделник, 12 ноември 2018

Буџетот за наредната 2019 година да тежи 3,7 милијарди евра, предлага Министерството за финансии. Според предлогот, буџетскиот дефицит би требало да изнесува 288 милиони евра, а инвестициите ќе изнесуваат 418 милиони евра.
Ова денеска го соопшти министерот за финансии, Драган Тевдовски на првата јавна расправа за новиот буџет на која учествуваа претставници на синдикатите, коморите, невладиниот сектор и новинари.

Во новиот буџет се планирани за 10 проценти повисоки плати за лекарите и за пет отсто зголемени плати на другите вработени во здравството и Фондот за здравство. За пет проценти повисоки плати се предлага да земат и вработените во образованието и во градинките, а за исто толкав процент е предвидено да се зголемат и платите на администрацијата.

Поради интензивирање на процесот за зачленување во НАТО, во новата државна каса се предвидени повеќе пари за Министерство за одбрана, 7,8 милијарди денари, со што, од септември 2019 година ќе има и пет проценти пораст на платите за сите вработени во одбраната.

За земјоделски субвенции и рурален развој се предвидени 8,5 милијарди денари, што е пораст за 11 проценти во споредба со 2017 година.

Како што рече Тевдовски, се очекувања стапката на инфлација да биде ниска и стабилна, а е проектирана на 2 отсто. Во наредната година се очекува раст на номиналната нето-плата за 4,5 отсто, додека стапката на невработеност, би требало да се намали на околу 20 отсто.

За капиталните инвестици се предвидени 25,7 милијарди денари. За нивна поголема искористеност како што рече министерот, се прави поголем притисок кон ресорните министерства.

Буџетскиот дефицит идната година ќе се покрива со задолжувања во странство и дома, но со ниски капатни стапки, но не е планирано издавање на нова еврообврзница. Јавниот долг се очекува да изнесува 54,2 отсто од БДП.

 

Содржината е прочитана 159 пати.