Бизнис вести

ЕК прогнозира 2,1 проценти раст на македонската економија

За следната година се предвидува економијата во Македонија да порасне за 2,8 отсто, а во 2020 година да има раст од 3,1 отсто

петок, 09 ноември 2018

Европската Комисија ја намали прогнозата за раст на македонската економија за годинава на 2,1 отсто, што е за дури еден процент пониска во однос на проекцијата од мај годинава кога ЕК прогнозираше раст од 3,1 отсто.

Во есенскиот извештај за економиите на земјите членки на ЕУ и за државите кандидати, се наведува дека ЕК предвидува следната година економијата во Македонија да порасне за 2,8 отсто, а во 2020 година да има раст од 3,1 отсто.

Економското опоравување ќе зависи од политичката состојба и од нивото на инвестиции, кои практично, претставуваат и главни ризици за домашната економија, бидејќи политичката нестабилност неминовно ќе ги забави инвестициите.

ЕК очекува и натаму да се зголемува извозот, да расте стапката на вработеност и да растат платите. Во првото полугодие е забележано подобрување на пазарот на труд и зголемена стапка на вработување. Комисијата предвиува стапката на невработеност до крајот на годината да биде 21,3 проценти, во 2019 да падне на 20,6 а во 2021 да дојде до 20,1 отсто.

Во однос на јавните финансии, ЕК забележува дека има зголемување на одредени даноци и очекува буџетскиот дефицит да остане на планираното ниво, а до 2021 година да биде сведен на два отсто.

Европската Комисија очекува економското опоравување на Македонија да продолжи во 2019 и 2020 година, но побавно од претходно проектираното.
 

Содржината е прочитана 181 пати.