Инфо

Наместо налепници за регистрација, возилата ќе добиваат еколошки налепници во црвена, жолта или зелена боја

Измените на Законот за возила, кои веќе се во собраниска процедура налагаат при техничкиот преглед секој автомобил да добие налепница со соодветна боја што ќе покажува дали и колку загадува

петок, 09 ноември 2018

Налепниците кои покажуваат дека возилото е регистрирано наскоро ќе бидат заменети со еколошки налепници во боја. Дали автомобилот ќе добие зелена, жолта или црвена налепница, ќе зависи од тоа каков мотор има, односно, колку ја загадува околината.

Измените на Законот за возила, кои веќе се во собраниска процедура налагаат при техничкиот преглед секој автомобил да добие налепница со соодветна боја што ќе покажува дали и колку загадува. Еколошката категоризација на возилата ќе биде извршена според нивото на емисиите на издувните гасови од моторите, согласно соодветните технички спецификации.

Во првата еколошка категорија, во која автомобилите ќе добијат налепница со зелена боја, покрај хибридните и електричните возила ќе влезат и возилата со ниво на емисии ЕУРО 5 и повисоко, како и возилата со мотори ЕУРО 4 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен или компримиран земјен гас.

Жолта налепница ќе добијат возилата од втората еколошка категорија, односно, оние што имаат ниво на емисии на издувните гасови според ЕУРО 4 и ЕУРО 3 нормите, додека во третата категорија и со црвена налепница ќе бидат сите останати возила – тие со ЕУРО 2 и пониски норми, како и оние за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови.

Еколошката категоризација на возилата ќе ја прават станиците за технички преглед кои во иднина ќе мора да вршат и мерење на вредностите од емисиите на издувни гасови на возилото. Сите возила кои учествуваат во сообраќајот на патиштата мора да бидат означени со вакви налепници кои ќе се добиваат при регистрацијата на возилата.

Предложената мерка има за цел да им остави можност на локалните власти да фомираат зони на движење на возилата според степенот на емисија на штетни гасови и да одредат кои автомобили можат, а кои не можат да сообраќаат во деновите со зголемено загадување.

Според податоците од Министерството за животна средина, најголем број од регистрираните патнички возила во земјава се со ЕУРО 2 стандард, потоа се тие со ЕУРО 1, додека на третото место се возилата без ЕУРО стандард. Тоа значи дека сите овие возила ќе добијат црвена налепница.

За да се справи со загадувањето и да им помогне на граѓаните полесно да обезбедат возила што нема да ја загадуваат животната средина, Владата ќе ја субвенционира набавката на нови еолошки возила со електричен или хибриден погон. Исто така, ќе продолжи да го субвенционира и вградувањето плински уред во автомобилите.

„Во новиот предлог закон предвидена е и Програма што треба да ја донесе Министерството за економија, а се однесува на субвенционирање и поддршка на сите граѓани за набавка на нови автомобили, електрични или хибридни, на граѓаните што ќе одлучат нивните автомобили да воспостават плин или метан, како и на ониекои ќе отстапат од старите и ќе купат нови возила“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.


 

Содржината е прочитана 143 пати.