Бизнис вести

Нова кредитна линија од 10 милиони евра за компаниите

Средствата се обезбедени од Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан, што заедно со Европската Унија (ЕУ), обезбедува среднорочно и долгорочно финансирање на малите и средните претпријатија и им помага да ги достигнат ЕУ стандардите

четврток, 08 ноември 2018

Малите и средните претпријатија во Македонија имаат можност преку Шпаркасе банка да обезбедат кредит за да ги надградат сопствените производни капацитети и да ја подобрат конкурентноста. На располагање се ставаат 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, средства обезбедени од Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан, што заедно со Европската унија (ЕУ), обезбедува среднорочно и долгорочно финансирање на малите и редните претпријатија и им помага да ги достигнат ЕУ стандардите. Најмалку 60 отсто од фондовите се насочени кон намалување на потрошувачката на енергија и ресурси, и поврзаните трошоци.

Шпаркасе банка е втора македонска банка што се приклучува на оваа иницијатива на ЕБОР, откако на почетокот на годинава сличен финансиски пакет од истата проеграма беше доделен на Охридска банка. Договорот за реализација беше потпишан денеска во Скопје.

„Малите и средните претпријатија се главен двигател на македонската економија. Според податоците на ЕУ, тие придонесуваат со речиси 65 отсто во вкупната додадена вредност и околу 80 отсто во сите работни места во земјата, што е далеку над просекот во ЕУ, каде овие проценти изнесуваат 57 и 66 соодветно“, информираат од Шпаркасе банка.

Кредитот на ЕБОР е поддржан со 1,5 милиони евра грант од ЕУ, од Инструментот за пред-пристапна помош (ИПА).

Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан се стреми да обезбеди вкупно 30 милиони евра за кредитирање на македонските комерцијални банки, во наредниве години, придружувани од грант од ЕУ во вкупен износ од шест милиони евра.
 

Содржината е прочитана 24 пати.