Бизнис вести

Официјално отворен Самитот „Македонија2025“, најзначајниот бизнис настан во земјата и регионот

„Треба да ги разгледаме можностите, но и предизвиците во контекст на тоа како да се дефинира една обновена патека за Македонија и да се реализира нејзиниот целосен потенцијал“, рече во своето поздравно обраќање Ентони Б. Ким, менаџер за истражување и уредник на индексот за економска слобода во американската фондација „Херитиџ“

четврток, 08 ноември 2018

Со поздравно обраќање на годинешниот клучен говорник, Ентони Б. Ким, менаџер за истражување, уредник на индексот за економска слобода во американската фондација „Херитиџ“ и претставување на политиките зад економскиот успех на тековната администрација на САД, официјално беше отворено седмото издание на Самитот „Македонија2025“, каде врвни имиња од глобалниот бизнис ќе ги запознаат македонските стопанственици со најновите светски трендови во економијата, инвестициите и технолошките иновации.

„Има бројни важни прашања поврзани со политиките за кои треба да ги споредиме погледите и да размениме отворени перспективи. Амбиентот за водење политики во многу делови на светот рапидно и динамично се менува, нудејќи како можности, така и предизвици. Тоа ќе биде навремен повод да ги разгледаме нив на стратешки начин свртен кон иднината, особено во контекст на тоа како да се дефинира една обновена патека за Македонија и да се реализира нејзиниот целосен потенцијал“, изјави Ентони Б. Ким.

Дел од денешните панел-дискусии се поврзани со сеопфатен економски осврт на светот и регионот, споредба на стратегиите за привлекување директни странски инвестиции, како и најдобрите практики на светско ниво.

Максимилијан Ламбертсон, водечки аналтичар за Источна Европа во „The Economist Intelligence Unit“, Велика Британија, изјави дека економската активност на Западен Балкан се има подобрено во изминатите три години.

„Регионот мина низ значителен период на прилагодување по светската економска криза во 2007-2009, кога инфлацијата достигна историски најниски нивоа, што овозможи поусогласена монетарна политика која поддржува раст. Предвидувме просечен раст на реалниот БДП од речиси 3,3 отсто во 2018-2022 кај земјите на Западен Балкан“, додаде Ламбертсон.

Имајќи го предвид зголемениот интерес за инвестирање во оваа област, една од темите на Самитот денеска ќе биде и производството на канабис за медицински цели. Исто така, ќе бидат презентирани успешни македонски компании, а веќе утре во фокусот ќе бидат дигиталната трансформација, најновите технологии во здравството и зелените индустрии.

На Самитот ќе има повеќе од 15 панел-дискусии, неколку интерактивни настани за вмрежување и ден за спортски активности.


 

Содржината е прочитана 81 пати.