Бизнис вести

Во Македонија се гради по европски критериуми, иако градежниците применуваат само обврзувачки стандарди

Примената на стандардите со правила и принципи се клучни за конкурентноста и за квалитетот на градбите, па македонските градежници тврдат дека вградуваат проверени материјали кои задоволуваат 2.000 европски и голем број македонски стандарди

среда, 07 ноември 2018

Во градежништвото во Македонија претежно се купуваат обврзувачките европски стандарди со регулативата, што би требало да значи дека во објектите се вградуваат квалитетни и проверени материјали. Примената на стандардите со правила и принципи се клучни за конкурентноста и за квалитетот на градбите, па македонските градежници тврдат дека вградуваат проверени материјали кои задоволуваат 2.000 европски и голем број македонски стандарди.

На денешната прес-конференција на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори, на која Институтот за стандардизација (ИСРМ) ги презентираше најновите стандарди прилагодени на најновите измени на Законот за градежни производи, беше потенцирано дека квалитетот на градбите во Македонија е далеку на повисоко ниво од оние во регионот и дека се вградуваат квалитетни материјали кои ги задоволуваат европските стандарди, но оти, сепак, се евидентирани и фирми кои работат со фотокопирани стандарди.

„Секој градежник пред да почне да вградува одреден материјал лабораториски го испитува материјалот, но и секој купувач на стан има можност самостојно да направи проверки на документацијата на инвеститорот, како и лабораториски испитувања на квалитетот на материјалите“, рече претседателот на Градежната комора при ССК, Ивица Јакимовски.

„Најодговорни за тоа дали ќе бидат вградени проверени и квалитетни материјали во една градба се инженерот кој го врши надзорот и Државниот градежен инспекторат. Но, тоа дали во земјава ќе се увезат неквалитетни градежни материјали зависи од конролата на Царинската управа и Државниот градежен инспекторат“, вели Соња Черепналковска, раководител на Секор за стандардизација во Институтот за стандардизација.

Директорот на Институтот, Џевад Кицара апелираше компаниите при купување на градежните метаријалите да ги бараат оригиналните стандарди за да бидат сигурни во квалитетот на производот. Во Македонија, рече тој стандардите се најевтини и чинат од 500 до 3.000 денари.

Околу 2.000 европски стандарди се прифатени како македонски национални стандарди, класифицирани според групацијата на производи, но има и македонски стандарди како замена за стандардите кои сѐ уште не се прифатени. Дел од стандардите за градежни производи се усогласени и претставуваат техничка поткрепа на Законот за градежни производи донесен во 2015 година, а чии последни измени се во примена од 30 септември оваа година.
 

Содржината е прочитана 25 пати.