Бизнис вести

Стопанската комора бара одложување и широки консултации за прогресивното оданочување

Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија е на став дека пред да стартува даночната реформа е потребно да се обезбедат дополнителни средства во државниот Буџет и тоа со рационализацвија на расходите

среда, 07 ноември 2018

Одложување на примената и широки консултации за прогресивното оданочување, со претходно обезбедување дополнителни средства во државниот Буџет првенствено со рационализација на расходите. Ова е ставот на Стопанската комора на Македонија по образложението на министерот за финансии, Драган Тевдовски на новата даночна реформа и воведувањето прогресивен данок на почетокот на наредната година.

„Најсоодветен начин за уредување на прашањето за обезбедување дополнителни средства во Буџетот на Македонија во насока на обезбедување подобар квалитет на јавните услуги е прво да се искористат сите расположливи можности за рационализација на расходите, а, пред сé, рационализација на процесите на државната администрација, пред да се пристапи кон воведување поголеми обврски за субјектите во системот и поголемо даночно зафаќање, особено ако се има предвид континуираниот тренд на раст на сите даночни приходи во буџетот во периодот 2005-2017 година“, заклучи на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија (СКМ) на вчерашната седица на која присуствувал и министерот Тевдовски.

Во соопштението испратено по седницата се вели дека системски промени од ваков вид треба да бидат најавени и усвоени многу претходно во текот на календарската година, во партнерски однос, преку усогласување со најзначајниот партнер од деловниот сектор, за да можат субјектите навреме да го усогласат своето работење. А, во овој случај даночната реформа е презентирана на помалку од 60 дена до започнување на новата фискална и даночна година, во време кога голем број од деловните субјекти веќе ги имаат утврдено финансиските планови за следната година, што создава сериозни импликации врз предвидливоста и стабилноста на деловното опкружување.

УО на СКМ смета дека најдобар начин за усогласување на ставовите е барањето доставено до Владата во септември годинава со кое четирите комори во државата заеднички побараа одложување на реформата за воведување прогресивно оданочување. При тоа посочениот период треба да биде искористен за спроведување широки консултации со сите засегнати страни, вклучувајќи ја и бизнис заедницата, во насока на согледување не само каков ќе биде планираниот ефект врз приходната страна на буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз севкупното деловно опкружување и продуктивноста на македонската економија.

„Стопанската комора на Македонија никогаш, па ниту сега не е против вложувања во унапредувањето на социјалниот, образовниот и здравствениот систем. Напротив, секогаш силно ги поддржува ваквите активности и е социјален партнер во нив. Сепак, мислиме дека предложените мерки подобро би се имплементирале доколку предлагачот ги земе предвид предлозите и мислењата на бизнис заедницата“, се наведува во соопштението на Стопанската комора на Македонија.

 

Содржината е прочитана 23 пати.