Инфо

За 10 денари поскапе паркирањето во Дебар Маало, Буњаковец и Капиштец

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ направи промени во зонската поделба на најфреквентните паркиралишта

вторник, 06 ноември 2018

На трите најфреквентни јавни паркиралишта во општина Центар во Скопје, „Дебар Маало“, „Буњаковец“ и „Капиштец“ направени се промени во зонската поделба, а ценат а за еден час паркирање поскапува за 10 денари. Така, Секторот „Дебар маало“ од зона 1 преминува во зона 01, а секторите „Буњаковец“ и „Капиштец“ од зона 2 ќе преминат во зона 1. Тоа значи дека за еден час паркирање во зона 01 ќе се плаќа 50 денари, во зона 1 ќе се плаќа 40 денари, додека паркирањето во зона 2 ќе чини 30 денари за еден час, а возило може да се остави на паркингот максимум два часа.

Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) велат дека со овие промени ќе се добие подобра организација на паркиралиштата и ќе се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето на територија на општината. Претпријатието воведе промени и во начинот на наплата на паркирањето и начинот нa користење на повластената паркинг карта за деловен субјект и вработени во деловен субјект.

Во делот казнување, односно наплата за непратена порака за паркинг, ПОЦ издава дневна паркинг карта која е важи од моментот на нејзиното издавање до истото време наредниот ден и важи за паркинг зоната во која е издадена.

Дневната паркинг карта во зона 01 изнесува 1.200 денари, за зона 1 чини 960, а во зона 2 – 720 денари. Доколку издадената дневна паркинг карта финансиски се раздолжи во рок од 24 часа од моментот на нејзиното издавање, се смета како дневна при пејд карта и истата за зона 01 изнесува 600,00 денари, а за зона 1 и 2 – 400,00 денари.

Во случај да не се уплати во првите 24 часа во периодот кога може да се раздолжи како дневна при пејд карта, издадената дневна паркинг карта треба да се уплати во целосна сума во рок од 8 дена од денот на нејзиното издавање. Доколку не се уплати во дадениот рок, ПОЦ во соработка со МВР обезбедува податоци за сопственоста на возилото, врз основа на кои се изготвува опомена и фактура.

За побрзо информирање на граѓаните за промените во зонската поделба, ПОЦ веќе обнови 99 стари информативни табли, а во наредните денови ќе постави и 88 нови табли. Новите информативни табли се двојазични, на македонски и англиски јазик, содржат информации за зоната, секторот, максимално дозволеното време на задржување, работно време, начинот на плаќање и цената на паркирањето по час, како и информации за Контакт центарот.

Граѓаните кои не се корисници на услугите на ПОЦ не треба да се паркираат на паркинг кој е наменет само за станари, бидејќи во тој случај, по барање на станарите нивното возило ќе биде отстратено со „пајак“. Но, доколку возилото е корисник на ПОЦ, контролорите се должни да го известат сопственикот сам да го отстрани од резидентното паркиралиште.


 

Содржината е прочитана 88 пати.