Бизнис вести

МЕПСО склучи договори со пет компании за изградба на четири далекуводи и за модернизација на осум трафостаници

Инвестициските проекти во вкупна вредност од 18 милиони евра ќе се реализираат со кредит од Европската банка за обнова и развој земена во 2013 година

вторник, 06 ноември 2018

АД МЕПСО склучи договори со пет компании што беа избрани на меѓународни тендери за изградба на четири далекуводи и за модернизација на осум трансформаторски станици во преносната мрежа.

Инвестициските проекти во вкупна вредност од 18 милиони евра ќе се реализираат со кредит од Европската банка за обнова и развој земена во 2013 година.

„Со денешното потпишување на договорите, МЕПСО, како оператор на електропреносниот систем на Република Македонија ќе изгради над 100 километри нова далекуводна мрежа, 4 нови далекуводи на постоечки траси, ќе се модернизираат 4 трансформаторски станици со примарна и делумно со секундарна мрежа и ќе се инсталира нова опрема на 4 трансформаторски станици на 4 хидроцентрали. Она што е важно е дека дотраената стара преносна мрежа ќе се заменува со нова, односно ќе се заменат далеку води стари над 50 години со нови. Крајниот бенефит од овие нови инвестиции во преносната мрежа на електроенергетскиот систем ќе ги почувствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и стабилно снабдување со електрична енергија“, рече премиерот Зоран Заев.

Истовремено, потенцираше Заев, со реализација на овие нови инвестиции ќе се отвори можност за намалување на трошоците на работење, со што ќе се создадат услови и за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите, бидејќи очекувањата се дека ќе се намали преносната такса која ја добива АД МЕПСО.

Според договорите, хрватската компанија „Далековод“ од Загреб ќе биде ангажирана на замена на 65 години стариот функционален 110 киловолтен далекувод што ги поврзува трансформаторските станици „Скопје 4“ и „Велес“, како и на изградбата на нови 110 киловолтни далекуводи на трасите на постоечките далекуводни врски меѓу трафостаниците „Битола 1“ – „Прилеп 1“ и „Велес“ – „Овче Поле“. Српската „Енергомонтажа“ ќе го гради новиот 110 киловолтен далековод на постоечката далекуводна траса меѓу трансформаторските станици „Штип“ и „Овче Поле“.

Во четирите нови далекуводи МЕПСО ќе инвестира 10 милиони евра при што ќе бидат изградени нови 104,5 километри далекуводи поставени на 360 нови челично-решеткасти столбови, со нови проводници и изолатори, спојна опрема и заштитно громобранско јаже со интегрирани оптички влакна за трансфер на податоци. Новите инвестиции значајно ќе ја зголемат доверливоста на системот, а новата опрема ќе ги сведе безмалку на нула трошоците за одржување. Рокот за изградба на новите далекуводи е 18 месеци, потенцираат од МЕПСО.

Кај трансформаторските станици, најголем инвестициски зафат е предвиден во „Скопје 4“, а во овој проект МЕПСО ќе вложи 4,85 милиони евра. Изведувач ќе биде „Кончар КЕТ“ од Загреб, Хрватска. Договорот за проектот за трафостаницата „Битола“ го доби хрватската компанија „Далековод“ , а вредноста на инвестицијата е еден милион евра. Модернизацијата на трафостаницата „Валандово“ ќе ја прави домашната компанија „Бенинг ПСАМ“, а договорот е вреден 0,77 милиони евра, додека, пак, ревитализацијата на трафостаницата „Осломеј“ ќе ја врши албанската компанија „Доко“ за 0,63 милиони евра.

Вкупната вредност на инвестициите во модернизација на овие четири трафостаници е 7,25 милиони евра. За трансформаторските станици во Скопје и во Битола рокот за реализација е три години, а за постројките во Осломеј и во Валандово рокот е 18 месеци.

Од МЕПСО информираат дека за потребите на трансформаторските станици на големите хидроцентрали: „Вруток“, „Шпиље“, „Тиквеш“ и „Глобочица“ компанијата ќе вгради нови системи за релејна заштита за што ќе биде ангажирана хрватската компанија „Кончар КЕТ“, која договорот вреден 0,63 милиони евра треба да го реализира во рок од 18 месеци.
 

Содржината е прочитана 18 пати.