Бизнис вести

Заев: „Новата даночна реформа нема да ја уништи средната класа“

Премиерот вели дека определениот праг за прогресивно оданочување на личниот доход од 90.000 денари опфаќа еден отсто од граѓаните кои имаат лични примања, а притоа во буџетот ќе се слеат 25 милиони евра кои ќе придонесат во градење фер општество во кое оние што имаат повеќе ќе плаќаат повеќе за да им се даде на тие што имаат помалку

вторник, 06 ноември 2018

Новата даночна реформа нема да ја уништи средната класа, бидејќи во Македонија, како и во земјите од регионот, практично и нема среднна класа. Премиерот Зоран Заев вели дека определениот праг за прогресивно оданочување на личниот доход од 90.000 денари опфаќа еден отсто од граѓаните кои имаат лични примања, а притоа во буџетот ќе се слеат 25 милиони евра кои ќе придонесат во градење фер општество во кое оние што имаат повеќе ќе плаќаат повеќе за да им се даде на тие што имаат помалку.

„Ние сме левичарска Влада, доминантно социјал-демократска и мене ми е логично и фер оние што имаат повисоки приходи, што имаат повеќе, да платат повеќе, а тие што имаат помалку преку институциите да добијат повеќе. Само вака ќе работиме на враќање на средната класа“, рече денеска Заев одговарајќи на новинарско прашање за даночната реформа.

Тој истакна дека преку ваквите социјални аспекти кои државата ги канализира, преку можностите за вработување на невработените, пред сè на младите луѓе, преку подигање на платите во одредени јавни сектори кои што се важни за сите граѓани, како што е здравството или образованието, овозможуваме да имаме фер и праведно општество.

Напомена дека во Македонија има работно активни или приматели на приход меѓу 900.000 и милион граѓани, а даночната реформа ќе опфати еден процент, односно, околу 9.000 граѓани ќе потпаднат под новиот праведен данок, бидејќи со новата стапка од 18 отсто ќе се даночи само нето приходот што е над 90.000 денари месечно.

„Дај боже сите да имаме приход над 90.000 денари. Мојот месечен приход е 87.000 денари. Тоа е платата на премиерот. Значи, зборуваме за приход над премиерската плата, над претседателската, над пратеничката плата. Реално ќе се акумулираат средства од 25 милиони евра, но преку 34 милиони евра враќаме пари за зголемување од 300 проценти на социјалната помош. За 400 пати се зголемува грижата за децата од следната година. Да не зборуваме дека треба да има мотивирани и медицински сестри и специјалисти и лекари во државата. Да не зборуваме дека за прв пат во милионски суми на евра враќаме во деловната заедница преку поддршка на инвестициите“, кажа Заев.

Како што рече, внимателно ги слушале сите, и бизнис заедницата и експертите и одлучиле да го подигнат првично определениот праг за прогресивен данок од 1.000 евра за да не ги демотивираат информатичарите, градежниците, архитектите кои немаат 90.000 денари плата.

Заев потенцираше дека Владата внимателно ги слушала реакциите од коморите и од бизнис заедницата и одлучила да го подигне прагот од 1.000 евра плата, бидејќи просечната плата е помалку од 400 евра.

„Бизнис заедницата има можност да реагира и преку претставниците и преку медиумите. А, што да кажат сиромашните граѓани, како тие да реагираат за државата да најде механизми за дополнително да им се помогне. Со даночната и социјалната реформа ќе се врати на деловната заедницата, ако се зголеми платата и социјалната помош, се зголемува потрошувачката моќ, а тоа најмногу се рефлектира на домашните продукти на домашните компании“, рече Заев и најави дека со ова ставката за социјална помош ќе се зголеми за 36 милиони евра.

Вицепремиерот, Кочо Анѓушев порача дека иако е еден од оние кои ќе бидат засегнати од прогресивното оданочување, сепак, ја поддржува мерката.

„Со оваа мерка не се задава удар на индустријата, оти другите даноци остануваат исти, а зборуваме само за персонален данок, за праведно даночење. Јас сум еден од тие што ќе подлежат на тоа, но, мислам дека е правично оние кои имаме поголеми приходи да помогнеме да се изгради пофер општество. Што се однесува до прагот, не е мој, на никого не е, тоа е праг на владата, одлучено е тоа да биде праведниот праг и јас се согласувам со тој праг. На тој начин се заштитува интересот на младата интелектуална класа која сакаме да остане во државата, сакаме да ја гради оваа држава. Тоа се млади специјалисти, инжинери, информатичари, тие се изземени, а во оваа мерка влегуваат само 1 отсто од граѓаните кои имаат најголеми лични приходи. Во нив спаѓам и јас, треба да се солидаризираме“, рече Анѓушев.

 

Содржината е прочитана 32 пати.