Култура

„Ничија земја“ на Венециско биенале за архитектура 2016

„Ничија земја“ на проектантското биро Стоун дизајн-Скопје и архитектите Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски идната година ќе ја претставува Република Македонија на 15. Венециско биенале за архитектура.

четврток, 22 октомври 2015

„Ничија земја“ на проектантското биро Стоун дизајн-Скопје и архитектите Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски идната година ќе ја претставува Република Македонија на 15. Венециско биенале за архитектура.

На Конкурсот на Министерството за култура за учество на Биеналето аплицирал и Архитектонскиот фкултет-Скопје во соработка со Музејот на Град Скопје со проектот на група архитекти „Од другата страна на фронтовите: Приказна на летната школа за архитектура во манастирот Св. Јоаким Осоговски“.

Светската изложба на архитектонски дела во Венеција ќе се одржува од 28 мај до 27 ноември 2016 на тема „Извештај од фронтот“ зададена од кураторот на Венециското биенале 2016 Алехандро Аравена.

Проектот „Ничија земја“ бил едногласно избран од стручната комисија во состав: Славко Брезовски, Петар Муличкоски и Драган Бошнаковски, која оценила дека е директен одговор на темата „Извештај од фронтот“ и на размислувањата на кураторот Аравена за тековните проблеми на архитектурата и општеството.

Одлуката ја соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера на прес-конференција, истакнувајќи дека „Ничија земја“ е издржан и темелно концепциски осмислен авторски приказ со високи естетско-уметнички вредности.

- Проектот го обработува суштинскиот проблем на денешницата, миграциите од секој аспект, земајќи го во предвид времето на брзи промени, политички процеси и економски кризи. Авторите на проектот преку едно архитектонско-визуелно остварување ја проектираат публиката во една субјективна реалност на самопрепознавање во новите можни глобални географски поместувања, рече Канческа-Милевска соопштувајќи ја одлуката на Комисијата.

Архитектот Драган Бошнакоски, член на Комисијата и комесар на претставувањата на РМ на Биеналето во 1997 и 1999 година, рече дека избраниот проект содржи јасен концепт, бидејќи темата на Биеналето е бегалската криза, и интригира уште со самиот наслов - Ничија земја.

- Секој ќе се праша што има архитектурата со бегалската криза? Најмал проблем е тоа каде сакаат да стигнат бегалците и патот на тие кутри луѓе меѓу границите. Проблемот е што понатаму со нив и што со нашата цивилизација. Оваа тема има за задача не да ги реши проблемите, туку да уочи дека ние доаѓаме во ново време, еден голем нов предизвик во кој треба да се вклучат многу области, и од науката, и од уметноста. Уметноста не може да ги реши, но може да ги отвори... Овој проект е доста добар и интересн, но и доста скап. Да се оди докрај и да се реализира тоа што авторите го понудиле, истакна Бошнакоски.

Архитектот и куратор на „Ничија земја“ Стојан Павлески од Стоун дизајн-Скопје рече дека понудиле две решенија за проектот, во зависност од тоа каков простор ќе биде избран во Венеција каде што ќе го претстават.

Првото решение е во форма на завиен тунел - тунелот како симбол на желбата за премин и за излез, а завиеноста како симбол на чувство на неизвесност и големо очекување. Вториот концепт е правоаголна основа со отвореност кон публиката и ќе асоцира заштитен ореол, стаклена градина, алудирајќи на желба за географска промена на Земјата.

- Проектот „Ничија земја“ преку архитектонско-ликовно остварување ја проектира публиката во една субјективна реалност, најавена преку извитоперени и сонливи слики на познати и непознати места... Проектот се надоврзува на миграциската парадигма и нуди архитектонски илузии, односно град за сите... Цениме дека со овој проект достојно ја задираме суштината на зададената тема „Извештај од фронтот“, давајќи одговор на прашањето за припадност и неприпадност која го допира и суштинскиот проблем на јавното и приватното, рече Павлески.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 617 пати.