Бизнис вести

Компаниите предупредуваат да не се брза со најавената даночна реформа

Од Стопанската комора на Македонија укажуваат дека се неопходни длабински анализи и консултации со сите засегнати страни, најголем дел деловните субјекти веќе ги имаат усвоено финансиските планови за 2019 година

понеделник, 05 ноември 2018

Да не се избрзува со усвојување на најавената даночна и пензиско-социјална реформа, апелираат компаниите - членки на Стопанската комора на Македонија, откако Владата го објави нацртот на новиот закон со кој планира да воведе прогресивен данок и тоа веќе од почетокот на наредната година

Бизнисмените предупредуваат дека е неопходно да се направат длабински анализи и да се консултираат сите засегнати страни, бидејќи до новата фискална година остануваат помалку од 60 дена кога и ќе почне примената на предложените мерки, а најголем дел од компаниите веќе ги имаат усвоено финансиските планови за 2019 година.

„За најновите владини мерки потребни се длабински анализи и широка консултација со сите засегнати страни. Освен даночната стапка, за целосно согледување на ефектите од овие нови решенија ќе треба детално да се анализираат и прашањата за даночната основа, субјектите, даночните повластувања, но и како ќе се спроведува контролата врз овој предложен даночен режим, имајќи во предвид дека станува збор за целосно нов систем на даночно уредување на личните доходи. Токму затоа сметаме дека е потребно подолго време“, рече Татјана Штерјова од Стопанската комора на Македонија.

Управниот одбор на Комората утре ќе одржи вонредна седница на која ќе ги разгледа предложените решенија, ќе утврди што точно предвидуваат и како ќе се одразат врз работењето на деловните субјекти и нивната продуктивност и конкурентност.

Штерјова потсети дека во септември годинава Комората поднесе барања предложените мерки за прогресивно оданочување да бидат одложени за пет години, по процес на широки консултации со цел да се воочат ефектите од измените.
 

Содржината е прочитана 42 пати.