Интервјуа

Личниот развој е патување на кое ги откриваме бесконечните можности на нашето битие

Интервју со Елена Антоновска, сопственик и генерален менаџер на „Арс Луцида“ во кое говори за патувањето наречено Арс Луцида – уметност или моќ на јасното разбирање на играта на животот, внатре, во нас, за тоа што претставува личниот развој и како влијае на женското лидерство

понеделник, 05 ноември 2018

МАРИЛИ: Вие сте сопственик и генерален менаџер на „Арс Луцида“. За каква компанија станува збор и што Ве инспирираше да ја основате?
АНТОНОВСКА
: „Арс Луцида“ можеше да биде нареченa со безброј други имиња, но, идејата беше името да биде различно и невообичаено, како и луѓето, методите и сѐ останато поврзано со неа. А, како што I have a thing со латинскиот јазик, кој, by the way, не го познавам, мислев дека во основата на многуте светски јазици ќе најдам соодветен назив кој ќе обедини сѐ што ми се втркаше по главата. Како со едно кратко и импресивно име да наречам една бескрајна, магична и животно важна тема како што е човекот во неговиот најголем сјај и неговиот развој.
Сѐ во овој наш живот се однесува на уметноста со која светлината или енергијата бесконечно креира и уништува низ разни начини на брусење и полирање на овој човечки дијамант. Таа нѐ поттикнува да се стремиме кон еволуција, чистота и самоспознавање.Тој инстинкт е длабоко всаден во нашето битие, така што, ние свесно и несвесно, сакале или не, се движиме во тој правец, најчесто без основно разбирање за механизмите на тој процес. Механизмот вели дека ни е потребен јасен ум кој ја спознава и ја разбира вистината за себеси. Тоа може да се случи само и само ако поседуваме и негуваме чисто срце, зашто сè се случува преку него. Чистото срце и јасниот ум се отворена врата за интуицијата или моментите на проблесоци (momentalucida) кои ни го покажуваат патот. Многу поедноставено, умот не може да е јасен ако срцето не е чисто. Звучи едноставно, но е многу комплексно, на моменти мистериозно патување. И често, најдобрo е да не патувате сами.
Патувањето го нареков Арс Луцида – уметност или моќ на јасното разбирање на играта на животот, внатре, во нас. Верувам дека сите ние ќе ја откриеме сопствената Арс Луцида и ќе уживате во неа.

МАРИЛИ: Какви методи и дисциплини применувате при Вашата работа и дали притоа се потпирате на древните култури? 
АНТОНОВСКА:
За да се случи личната Арс Луцида, секој одбира начини, методи, техники, вештини и искуства кои одговараат на структурата на личноста на индивидуата. Секој човек има свој пат, па според тоа и му одговараат и различни начини и методи на развој. Сакајќи да одговориме на потребите на луѓето, многу успешно искреиравме концепт кој обединува голем број од постоечките пристапи во светот.
Воедно, како резултат од искуството во работата и знаењето кое го стекнавме, дојдовме до заклучок дека без оглед кој начин и пат ќе го одберете, суштината и целта се исти – повторно да стигнете до себе. Планината е една, а патиштата до врвот се различни. Така што, кај нас се обединети древни и модерни методи на себеистражување и реализација, кои имаат различен пристап (психолошки, духовен, енергетски, коучинг, физички, медицински, вербален), а, всушност, претставуваат алатка или средство кое нѝ го разоткрива прекрасниот свет на сопствената личност.

МАРИЛИ: Развивањето на животните вештини, несомнено позитивно влијае врз квалитетот на самиот живот. Но, што претставува личниот развој и на што најмногу влијае?
АНТОНОВСКА:
Поетски кажано, личниот развој претставува храброст да се нурнете во длабочините на сопствената личност или сопственото битие. Велам храброст, бидејќи најчесто и најмногу се плашиме од самите себе и од темнината која ја носиме. Просто, не се познаваме и мислиме дека животот кој го сонуваме е единствената реалност која постои. Ова, пак, е став или убедување кое нѐ ограничува да ги искористиме нашите вродени или развиени потенцијали и да живееме исполнет живот кој има смисла и некаква цел. Често, личниот развој започнува кога, токму заради нашите лимитирачки ставови, убедувања и емоциите кои ги следат, животот нѝ наметнува и ограничувачки околности, па тензијата во еден момент станува толку голема што ние ќе посакаме да се ослободиме. Потоа, мора да следи разбирањето дека ние сме многу повеќе од она што го знаеме за себе, па преземајќи некакви акции и чекори, всушност, се ослободуваме од сѐ она што веќе го знаеме за себе за да се развиваме и осознаеме нови вистини, а со тоа и нови реалности, нови светови. Личниот развој е патување на кое ги откриваме бесконечните можности на нашето битие, учиме да ги видиме, искористиме и создадеме живот на изобилство, напредок, добро здравје и среќа.
Оттука, тој влијае на сите сегменти на животот, од односот со себе, односите со другите, партнерските односи, работата, материјалната состојба, здравјето. Што би се рекло во термините на емоционална интелигенција – за да можете да ги менаџирате односите со другите луѓе и да бидете свесни за нив, морате најпрво да се познавате и менаџирате себеси. Сѐ почнува од себе, а целиот живот во сите сегменти го следи личниот развој.

МАРИЛИ: Каква е улогата на личниот развој во развојот, пред сѐ, на женското лидерство?
АНТОНОВСКА:
Личниот развој претставува процес на будење и цветање. Женското лидерство кај нас влезе во процес на будење. Ова се случи природно и спонтано поради околностите во бизнисот и животот генерално, кои доведоа до потреба жената да се освести, усовршува и унапредува и да преземе одговорност за себе, семејството, материјалната сигурност. Истовремено, темпото на живот, обврските, одговорностите, работата наметнаа друга потреба, луѓето да се свртат кон техники и методи кои им овозможуваат релаксација, ослободување од стрес, смирување и слично, а тие се, всушност, и првиот чекор во личниот развој, бидејќи тука се работи за животна филозофија, а не за хоби и помодарство.
Бидејќи жените се секогаш поотворени за нови и духовни пристапи, целата оваа ситуација доведе до освестување на жените и претворање на потребата во смисла и животна цел. Уште повеќе, имајќи предвид дека женската енергија е интуитивна, емоционална, негувачка и смирена, развојот на женското лидерство придонесува за еден друг пристап во бизнисот, што зема сѐ поголем замав, а тоа е духовност во бизнисот, пристап ориентиран кон луѓето (вработените, клиентите), за бенефит на сите и глобално, со вклучен развој, динамичен и холистички, каде развојот на компаниите е директно условен од развојот на луѓето и нивната вклученост во компанијата и ориентацијата кон повисоки цели.

МАРИЛИ: „Арс Луцида“ е ориентирана кон разни активности како едукација, тренинзи, обуки... Кажете ни нешто повеќе околу тоа!
АНТОНОВСКА
: Во „Арс Луцида“ живеат заедно навидум неспоиви нешта. Едукацијата може да биде од областа на енергетската медицина, медитација, духовност, личен развој во широка смисла на зборот и сл., а во исто време и во областа на комуникација, животен баланс, перспектива на животот, коучинг. Younameit, wehaveit. За секоја дисциплина подетално, читателите можат да се информираат на нашата интернет страница. 
Би рекла дека „Арс Луцида“ првенствено е ориентирана кон подигање на свесноста, како ние би кажале, бидејќи, ако не ги разбираме причините и механизмите поради кои нешто нѝ се случува, не можеме да направиме промена. Историски гледано, долго време живеевме со разбирање дека умот е над сѐ („Мислам значи постојам!“), па се уште човештвото е во инертна ситуација каде на свесниот ум му е потребно да разбере и сфати. Во тој контекст, активностите се насочени кон информирање на јавноста, запознавање со потребите и методите за личен и професионален развој, а потоа и со едукација, тренинзи и обуки за клиентите да стекнат увиди, вештини и компетенции со кои ќе продолжат самостојно да го водат својот живот или да ги интегрираат истите во секојдневието. Најчесто, тој процес започнува со некакви информативни настани, предавања на разни животни или бизнис теми или, пак, за точно определени техники и методи, потоа продолжува со индивидуални сесии и консултации, а завршува со едукација. 
Без оглед дали едукацијата е од областа на животни вештини, претприемачки вештини, коучинг, духовност (а сето тоа го нудиме кај нас), целта е развој на индивидуи кои размислуваат со својата глава и ги разбираат начините на кои функционира светот и животот. Тоа значи дека нашите едукации формираат комплетни личности, кои знаат да направат баланс и кои можат да направат разлика не само на локално, туку и на глобално ниво. Самата едукација, генерално е базирана на искуствено учење. Ние, човечките битија ретко учиме на туѓото искуство. Мора да поминеме низ некакво патешествие за да донесеме свои заклучоци. Ние се обидуваме да го избегнеме патешествието и низ едно различно искуство да им покажеме поинакви можности. Искуственото учење вклучува пракса, вежби, рефлексија и интроспекција, фидбек, дискусии и некаков тип на водство, низ кои клиентите не мораат да учат на принципот „trialanderror“, туку фокусирано да се движат кон сопствената трансформација.
Вештините со кои клиентите можат да се стекнат како резултат од едукацијата кај нас се многубројни, почнувајќи од животни вештини како што се самосвест, самодоверба, внатрешен мир, постигнување на баланс, ослободување од стрес, подобрување на здравјето, флексибилност и емпатија и тн., до професионални вештини емоционална интелигенција, менаџирање на време, луѓе, конфликти, вербална и невербална комуникација, продажни вештини... Оваа понуда има многу компоненти. Вклучува едукација во областа на меки вештини (softskills), коучинг и НЛП, ЦЕФЕ тренинзи, комбинации на личен и професионален развој и тренинзи направени за потребите на клиентите. Во таа листа се вклучени најмалку 30-ина тренинзи, а секако, истата не е конечна. 
Низ целата едукација се провлекува една заедничка порака. Ние сме сите поврзани и претставуваме некој дел од целината или системот (семејството, општеството, компанијата, човештвото). Како запчаници во еден часовник. Синхронизираното работење на запчаниците го условува прецизното функционирање на часовникот. Во спротивно, часовникот нема да работи или ќе работи чудно.
Со оваа метафора можете да го претставите секој систем. Во смисла, ние сме прво луѓе и првенствено е потребно да изградиме и усвоиме лични, човечки/духовни вредности, а потоа да градиме вештини и компетенции, бидејќи, ако не си човек, не си ни вработен, ни менаџер, ни лидер, а не, пак, Мастер. Нашата улога е да се поддржуваме меѓусебно. Неопходно е да се почитуваме и прифатиме како луѓе, да го осознаеме своето место во системот, а потоа синхронизирано да функционираме во рамките на тој систем, со разбирање дека секој запчаник има своја улога во него. Во оваа метафора нема место за его, а показател за тоа е светот во кој живееме.

МАРИЛИ: Каде се надвор од Македонија ги пласирате своите едукации и тренинзи?
АНТОНОВСКА:
Имајќи го на ум „глобалното влијание“ и мојата карактеристика на истражувач, патувач и пронаоѓач, сакајќи да допреме до што повеќе луѓе и да го споделиме и раскажеме она што го знаеме, тргнавме на патување околу светот. Досега тоа го правевме во Србија, Косово, Босна, Германија, Шпанија и тн, а отсега и повеќе од тоа. Светот е наш, а ни небото не е граница, доколку имате широко срце и мисија која е поврзана со другите луѓе. Патувањата се само начин да оставиме трага и да осветлиме уште еден мал дел од земјината топка за добробит на сите.

МАРИЛИ: Во Вашето работење применувате интегриран пристап, спојувате старо со ново, древно со модерно. Во моментов е светски тренд да се внесувадуховност во компаниите. Според Вашето искуство, колку е тоа актуелно кај нас? 

АНТОНОВСКА: Знам дека имаше некои обиди и зачетоци на овој светски тренд и кај нас, веројатно сме на тој пат и го следиме правецот. Колку е актуелно ќе покаже времето. Лично сметам дека овој тренд е последица од констатацијата дека личната среќа и исполнетост на луѓето/вработените има директно влијание на нивната ефективност и продуктивност на работното место, а со тоа и на профитабилноста на компанијата. Ако компанијата ја гледаме како систем (погоре наведено) таа е резултат од комплексниот спој на луѓе, структура, процеси, таргети... каде секој дел од системот придонесува за крајниот резултат, ваквата пракса може само позитивно да влијае на бизнисот.
Од друга страна, глобално дојде до промена на свеста во компаниите за улогата и влијанието на личниот развој, како и за потребата произлезена од светските пазари да се промени пристапот од статичен во динамичен, од механички на интуитивен, па оваа пракса практично го потпомогна процесот на трансформација на компаниите и нивно прилагодување кон новите услови. Мораме да имаме предвид и дека пазарот не е веќе локален, се шири и е сѐ повеќе глобален и виртуелен, а со тоа и слободен, па компаниите се некако приморани да внесат доза на „слобода“ за да можат креативно да одговорат на оваа промена.
Мене лично ова ме радува. Какви и да се овие зачетоци, сигурно ќе донесат суштинска промена. Но, ќе покаже времето како што реков.

МАРИЛИ: Имате долга листа на знаења и вештини кои несебично ги споделувате со луѓето. Но, колку ги применувате лично врз себе, каква е Елена приватно? 
АНТОНОВСКА
: Јас сум една обична девојка, која живее необичен живот, како што реков на доделувањето на признанието за Жена менаџер за 2016 година. Тоа се уште е така. Мислам дека кај мене поделба на приватно и службено не постои. Јас сум тоа што сум цело време. Од една страна, луѓето ме доживуваат како екстровертна, мудра, сигурна, силна, со цврста рака и ме викаат Мастер. Во една книга која ја добив за роденден пред многу години, имаше напишано посвета која гласеше: „За најхрабриот човек кој го познавам.“ За мене тоа беше изненадување, бидејќи, од друга страна, пак, интровертна сум, ја сакам тишината и пријатноста на мојот дом каде можам да молчам. Ја почитувам и сакам интимата на мојот животен простор, физички и метафорично. Потребно ми е време во самотија кое го користам за регенерација. Сакам книги, природа, патувања, море. Ги сакам моите мачки. И, како што гледате, се создава совршена целина од две крајности, што е и целта на секој развој.
Како и да е, мојот живот е потполно проткаен со она што го работам и е дел од мене. Впрочем, ние треба да бидеме она на што ги учиме другите луѓе. Да сме автентични и да го одиме својот пат. Да водиме со пример, со љубов и да слободно да ја искажеме својата различност за да им дадеме простор и на другите да го направат истото за себе.
Карактеристика ми е што јас морам прво нешто да пробам на своја кожа, да го изучам, а потоа да им го препорачам на другите. Можете да замислите како тоа изгледа. Учењето и новите нешта ми се страст, а животот е постојано учење. Па така, јас секојдневно се занимавам со тоа што и го работам и, постојано откривам нови нешта. Откривањето се однесува и на работата, на другите луѓе и на себеси, се разбира.
За да ги разберете другите и да допрете до нив на било каков начин, имате одговорност да работите на себе постојано, да се развивате и унапредувате. Начинот на којшто тоа ќе го направите постојано се менува, а можам да кажам дека мене поголемиот дел ми се достапни.
Од друга страна, длабоко верувам дека нема многу корист од прибирање на знаење кое не го применувате во пракса, во секојдневниот живот. А, бидејќи животот постојано се случува, имаме огромно поле за вежба и учење на нови лекции. Една од најголемите лекции е адекватна на слоганот „Слободата доаѓа однатре“ – како да се ослободиме од нашите внатрешни ограничувања, да се издигнеме над личната драма, да бидеме она што сме, да ја пронајдеме смислата и да го живееме животот со страст.

МАРИЛИ: Која е Вашата визија за иднината?
АНТОНОВСКА
: Би рекла дека повеќе сум фокусирана на сегашноста, на тоа што го правам сега за да од неа произлезе иднина каква замислувам. Целиот фокус е насочен кон тоа да се допре до што повеќе луѓе, да се осветли што повеќе темнина, да се поддржат поголеми групи, да се освести човештвото. Потребно е да се зборува за да се чуе, да се прави за да се види, да се сочувствува за да се осети. Да се влијае на секој можен начин, да се остави трага. На светот му е потребна промена, а мојата визија е да бидеме дел од неа. Таа е толку голема што се надевам ќе ме надживее и ќе им остане како наследство на идните генерации.
И како што би рекле моите пријатели:

LISTEN DARLING...

THE WORLD

IS YOURS

 

 

Содржината е прочитана 611 пати.